Собранието денеска се очекува да ја отвори расправата за избор на Ристо Пенов за нов министер

Со еден час задоцнување и во полупразна сала започна расправата за предлогот Ристо Пенов да биде министер за локална самоуправа. Повеќе навреди и препукувања помалку аргументи и факти за предлогот – продолжи трендот на обвинувања помеѓу власта и опозицијата. Дека седницата ќе биде тензична се покажа уште од експозето на премиерот Димитар Ковачевски, кој бранејќи го својот предлог, не изостави да ја обвини опозицијата.

Тимот на Владата предлагам да биде зајакнат со предлогот за министер за локална самоуправа. Многу значајно министерство, кога гледаме дека општините имаат проблеми, кога ги водат неспособни градоначалници. Ако треба да зборувам поединечно, ќе треба да закажеме уште една седница. Токму затоа предлагам вистински човек за вистинско место во висинско време – истакна премиерот Димитар Ковачевски.

Враќањето на човек кој една деценија е надвор од македонската политичка сцена, според опозицијата уште еднаш покажало дека власта е неспособна. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки смета дека Ристо Пенов за сегашната владина структура бил само инекција со поминат рок.

По кои критериуми, минат труд, резултати, Ковачевски го предлага Пенов, веројатно тој си знае. Но треба да ги каже очекувањата, како Пенов ќе го подобри животот на граѓаните, па можеби ќе не убеди да гласаме – истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

Собранието отвори дебата за избор на Ристо Пенов откако неговиот сопартиец и досегашен министер за локална самоуправа поднесе оставка од функцијата од, како што наведе, лични причини. Пенов е поранешен пратеник и градоначалник на Скопје во периодот од 1996 до 2004 година, еден од основачите на либерално-демократската партија и нејзин поранешен претседател. 

На собраниската седница требаше да се гласа и за два предлози за уставни судии, да се расправа за економските мерки и за предлог – законот за здруженија и фондации за кој власта и опозицијата се согласија да оди по скратена постапка.

Адријана Алексиеска

Advertisements