Собранието го усвои законот за Изборниот законик вратен од Иванов

Пратениците во попладневниот дел од денешната 95. седница без дебата, во трето читање, ги изгласаа и законите за практиканство, за влада, за спорт, за финансиска поддршка на инвестициите, како и законот за Изборниот законик, кои претседателот на државата Ѓорге Иванов претходно одби да ги потпише.

Овие закони Собранието ги изгласа на седница одржана на 27 март 2019 година.

Собранието во претпладневниот дел на седницата ги усвои законите за централен регистар на население, за извршување на санкциите за електронско управување и електронски услуги. за услуги, за тутун, производи од тутун и сродни производи, за регистрирање на готовински плаќања, за државните награди, како и за ратификација на Договорот со Црна Гора за уредување на меѓусебните имотно-правни односи, кои Иванов, исто така не ги потпиша.

Претседателот на Собранието Талат Џафери објасни дека законите се разгледуват во трето читање откако Иванов со указ ги врати назад, до пратениците.

– Согласно член 75 став 2 Собранието повторно го разгледува Законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници претседателот е обврзан да го потпише указот, истакна Џафери.

Со вкупно 62 гласови „за“, без ниту еден против или воздржан, пратениците попладнево, во трето читање, го донесоа Законот за судски совет на Република Северна Македонија.

Според Законот, Судскиот совет е самостоен и независен орган на судството, ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите.

Согласно членот 3 од Законот, се забранува политичко организирање и дејствување во Советот. Членовите на Советот во вршењето на функциите на Советот не смеат да остваруваат партиска активност. Советот со својата работа оневозможува политичко влијание во судството.