Смртта на родилката од Гевгелија останува мистерија

Остануваат нејасни причините за смртта на 31-годишната родилка од Гевгелија, Елизабета Савиќ Динева, чии живот згасна пред четири месеци на скопските клиники. Министерот Филипче дециден, во извештајот кој го добил немало наведено лекарски грешки. Тој повторно не ги прецизираше деталите за случајот, но овој пат со оправдување.

Динева се породи со царски рез во болницата во Гевгелија на 29 јуни. Две недели подоцна, почина на скопските клиники каде беше хоспитализирана. Тогаш, нејзиниот сопруг и пријатели обвинуваа за лекарска грешка. Неофицијално, лекарите тврдеа дека причина за смртта бил тромб.

Ова не е единствениот ваков случај што годинава ја потресе јавноста. Во јуни, во штипската болница ден по породувањето почина 28-годишната родилка Маја Паневска од Свети Николе. Комисијата долго го истражуваше овој случај, а министерот неколку пати го продолжуваше рокот за подготовка на финалниот извештај.

По многу одложувања поради годишните одмори, надлежните посочија дека и во овој случај, лекарите постапувале правилно, но тоа, сепак, не вродило со плод.

По 40 дена, министерот Филипче сподели детали од извештајот за родилката Паневска.

Таа имала уредна бременост и се породила природно. На свет донела здраво момченце кое ѝ било прва рожба. Компликацијата со крварење настанала по породувањето, а првична дијагноза била атонија или состојба кога матката по породувањето не се стега и не може да се сопре крварењето, поради што лекарите ѝ ја отстраниле матката. Родилката починала наредниот ден.

Докторите кои Алфа ги консултираше во тој период посочија дека ваквата состојба најчесто се јавува кај третородки или жени кои имале царски рез, а причина може да биде и заборавено парче од постелката. Во ваков случај фатален крај може да има доколку нема навремена реакција по настанатото крварење.

Покрај Паневска и Динева, во јануари, во приватна болница во Скопје, животот го загуби и Дебора Џамбази од Кичево. Обдукцискиот наод покажа дека починала од задушување.

Комисиите формирани по барање на министерот Филипче, досега во ниту еден случај не најдоа докази за лекарски грешки.

Сања Т. Ставров