Смеењето на Ковачевски за „идна Западна Бугарија“, само ја покажува понизноста на македонските пред странските политичари, па дури и пред оние на исто ниво со нас

Идна западна, идна западна Бугарија, вака Еди Рама го претстави Ковачевски пред Олаф Шолц, на што нашиот премиер слатко и гласно се насмеа.

Овој потег на македонскиот премиер Димитар Ковачевски ја покажува понизноста на македонските политичари кон странците. Смеењето на Ковачевски, на оваа невкусна шега на Еди Рама и тоа во овие моменти и состојби со Бугарија, покажува дека македонските политичари самите себеси не се почитуваат доволно, па дури и кога станува збор за премиер на Албанија, која не е ништо подобра од нас.

-Некако ја немаме онаа македонска гордост самодоверба кога треба да се претставиме надвор. Сметаме дека се што доаѓа од надвор, сите странски политичари, вклучувајќи го и албанскиот премиер Еди Рама, дека се повредни или подобри од нас. Сигурно треба да се промени тој ментален склоп кај македонските политичари и за старт да почнат многу повеќе да се ценат себеси, за да можат и другите да почнат да не ценат, изјави аналитичарот Синиша Пекевски за Алфа.

Рама се обиде да се објасни, станувало збор за сарказам кон Бугарија и иронија кон Евроспката Унија, а она што загрижува е што и покрај бурата реакции од јавноста, по овој срамен потег, ни збор нема кажано се уште Ковачевски. Според Пекевски тоа ја покажува неспобноста на оние кои го водат владиниот пи-ар, велејќи дека со ваква ситуација би морале многу полесно да се справат, а не да молчат.

И покрај огромниот број на ПР стручњаци, сега гледаме дека се тотално неспремни, тотално неспособни во својата работа и воопшто не знаат како да реагираат во овој момент. Од друга страна ја покажува неспособноста на македонските политирачи и луѓето кои работат околу нив, да се справат со кризни ситуации, ова е обична кризна ситуација, во која премиерот и неговиот тим би требало да се справат, вели Пекевски.

За жал ова не е прв пат Рама со невкусни шеги да ја понижува Македонија. Лани на 28-ми јули среде Скопје, албанскиот премиер не исмеваше и пред српскиот претседател, Александар Вучиќ. На шегите дека македонскиот јазик бил нов, во стил на Ковачевски сега, слатко се насмеаја Зоран Заев и Петре Шилегов.

Вучиќ: Еди, разбираш македонски… Рама: Само малку бугарски… Шилегов: Ќе научи, ќе научи… Рама: Македонскиот е нов јазик… Вучиќ: Такви се шегите на Еди… на сметка на Зоран.

Матеја Петровски