Случај Онишченко: Ковачевски признава дека имало вина, но дали ќе има одговорност од некој функционер?!

Вина за Онишченко постоела, но никој од политичката елита нема да понесе одговорност. Засега се е сведено на внатрешна истрага во АНБ, а од директорот прстот веќе е вперен во обичен службеник, кој не се консултирал со НАТО партнерите околу украинскиот олигарх.

На внатрешните истраги се повикува и премиерот Димитар Ковачевски. Кој пак ни соопшти и дека Виктор Димовски за 20-тина дена повеќе нема да биде директор на АНБ, што беше познато од претходно, бидејќи Владата планира да го прати во Париз, како македонски амбасадор во Франција.

-Дали треба да има одговорност? Одговорност мора да има и тоа е работа на анализата односно на истрагата која што таму треба да биде спроведена. Јас сметам дека веќе се спроведува. Дали ќе имаме нов директор на АНБ, дали ќе има одговорност? Да ќе имаме нов директор на АНБ и тоа ќе се случи во наредните 24 дена, изјави Ковачевски.

Димовски за овој случај ќе се објаснувал и пред премиерот, но тоа ќе било на затворена владина седница, па јавноста нема да може да дознае повеќе информации, иако одговори се бараат веќе со денови.

-Директорот да дојде да даде извештај на затворена седница на Влада. И тоа ќе се случи најверојатно во текот на утрешниот ден. Меѓутоа вие и сами знаете дека од затворена седница на Влада не може да се даваат извештаи и информации, со оглед на казнивоста од давање такви информации од седница, изјави Ковачевски.

Според информации на Алфа, одговорност нема да има кај некој од функционерите, засега вината е префрлена на началничката на секоторот за стратешка соработка со НАТО службите во АНБ и вработен во тој сектор.

На оваа тема внатрешна истрага си води и Собранието, каде е вината што на јутјуб одеше аудио звук од затворената комисиска седница.

Матеја Петровски

Advertisements