Случај Иловица: Или Бектеши направил измама или другите министри лажат – Деловникот на Влада има строго одредена процедура

Министерот Крешник Бектеши го прекршил Деловникот или другите министри не ја говорат вистината за владината одлука за спојување на концесиите за рудникот Иловица – Штука. Според Деловникот за работа на владата сите учесници на владината седница, ги добиваат сите материјали на предлагачите, па дури и тие да се класифицирани. Па ако се работи според овој пропис, не се издржани ставовите на министрите кои се правдаа дека не ги виделе документите, или пак министерот за економија Бектеши пред да побара гласови од колегите, не ги доставил материјалот по кој кренале рака „ЗА“, спојување на концесиите.
- Материјалите што се доставуваат од министерствата и другите органи на државната управа за разгледување на Владата, задолжително се доставуваат со меморандум за секој поединечен материјал како информативен документ преку кои се обезбедуваат јасни информации за содржината на материјалите.
Вториот став од член 73 вели дека со потписот на министерот или државниот секретар се доставуваат и осврт по материјалот, можни решенија со аргументи за или против, резултати од извршените консултации со ресорните министерства и другите органи на државната управа и организации, а меѓудругото и изјава за усогласеност на прописот со законодавството на Европската унија.
Но, според изјавите на премиерот, не се знае дали Бектеши ги испочитувал овие членови од Деловникот. Ковачевски побара Бектеши да ги достави сите судски одлуки кои се однесуваат на рудникот во Иловица. Освен премиерот кој му даде нова шанса на Бектеши, повеќе министри во Владата јавно кажаа дека на владина седница не им било прецизирано дека со одлуката на Управен суд , Владата не била задолжена да ги спои концесиите за Иловица – Штука.
Алфа се обрати и до Обвинителството, дали евентуално ќе истражува за злоупотреба на службената положба од страна на министерот Бектеши. Од таму кратко велат дека ги следат информациите и ќе постапува доколку произлезе сомнение за наведеното или друго кривично дело. А за другите видови одговорност велат биле во надлежност на други институции.
Викторија Миткова