Случај „Детска кардиохирургија“ – Антикорупциска истражува, од „Жан Митрев“ поздрав, а Филипче молчи

Дали болницата „Жан Митрев“ легално се стекнала со дозвола за оперирање на бебиња со срцеви маани од Министерството за здравство? Од надлежното министерство на чело со Филипче, сè уште молк за детска кардиохирургија, единствената гранка што функционира по принципот јавно-приватно партнерство, дури и откако Антикорупциска отвори предмет за расчистување на скандалот првично предизвикан од докторски суети. Тој ескалираше по објавата оти третманот на деца до една година, на кои им е потребна срцева операција, ќе продолжи во „Жан Митрев“, иако болницата останува без единствениот лиценциран детски кардиохирург Чадиковски.

Од Државниот здравствен и санитарен инспекторот веќе неколку дена не сакаат јавно, пред камера, да говорат за случајот, туку кусо соопштија дека направиле вонреден надзор и констатирале оти нема неправилности во однос на дозволата за работа.

-Државниот санитарен издравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во Клиниката „Жан Митрев“, а во врска со исполнување на законската обврска во вршењето на здравствената дејност согласно дозволата за работа бр.22-665/3 од 01.03.2019 година. При надзорот е констатирано дека здравствената дејност се врши согласно Решението за дозвола за вршење дејност издадено од Министерство за здравство, наведуваат од ДЗСИ.

И од клиниката „Жан Митрев“ не сакаат да говорат јавно, па и оттаму преку кусо соопштение, ја поздравија иницијативата на Антикорупциска.

-Клиниката „Жан Митрев“ ја поздравува иницијативата на Антикорупциската комисија за испитување на случајот со детската кардиохирургија. Клиниката е отворена за соработка за обезбедување на сите потребни информации и документи кои ќе бидат потребни за утврдување на вистината, се наведува со соопштението.

Наместо со став, конкретни информации за случајот и образложение за постапката и начинот на издавање на дозволи за вршење на одредена здравтсвена должност, кога има скандал што вклучува ситуации „живот или смрт“ на бебиња, од Министерството, решија само да се пофалат дека се подобрувале условите во клиниките.

Сања Трајковска Ставров