Случајот „Таргет-Тврдина“ без материјални докази

Кој го вршел нелегалното прислушување во Македонија? Од каде се појавија аудио снимките кои во моментов ги има СЈО и на темел на нив покрена голем број обвиненија против функционери од поранешната власт.

На денешното продолжение на судскиот процес „Таргет Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство, свиркачот Звонко Костовски, како сведок тврдеше дека УБК имал опрема за такви квалитетни снимки, но материјален доказ за тоа и да го потврди, не изнесе бидејќи како што рече, немало.

Ваквиот пресврт според поранешниот директор на Управата за безбедност и контрарузнавање, Сашо Мијалков, кој е обвинет во случајот, потврдува дека не може да се гарантира дека не прислушувал некој друг. Тој го потсети Костовски дека заедно биле на презентација на мобилна опрема за прислушување, во неговиот кабинет во УБК, кога и двајцата виделе дека во ист момент се следат комуникации на 30 корисници.

-Опремата по случаен избор ги фаќа броевите од најблиската базна станица, па така го видов бројот на мој пријател, чиј разговор го слушавме. По тоа што заедно го слушнавме, како можете да гарантирате дека некој на ваков начин нема извршено вакво прислушување?, го праша Мијалков сведокот Костовски.

Системот за прислушување кој го гледале на презентацијата, според зборовите на Мијалков можел да детектира дали такви уреди има од страна, а во извештајот на израелската фирма Реизон, стоело дека во Скопје истите ги имало.

Поранешниот директор на УБК го праша Костовски зошто како што претходно сведочел, прислушуваните разговори од системската сала ги снимил на УСБ стик, по што ги префрлал во неговиот компјутер во канцеларијата во УБК, за на крајот да ги сними на ЦД и да ги даде на Ѓорѓи Лазаревски, кога можел едноставно да го изнесе стикот, па дома без ризик да го пресними.

-Зошто сте правеле ризик да внесувате ДВД од надвор, сте ризикувале да ги снимате разговорите во вашата канцеларија, каде што некој можел да ве види, а потоа истото ДВД сте го изнесувале надвор, кога сте можеле малото стикче без никој да ве види да го изнесете надвор?, праша Мијалков.

Звонко Костовски за случајот „Пуч“ беше осуден на тригодишна казна затвор, а од таму излезе по аболицијата на поранешниот претседател на Македонија Ѓорге Иванов. На крајот на минатата година, тој и другиот „свиркач“ Ѓорѓи Лазаревски, од страна на министерот Оливер Спасовски, беа вратени на своите стари работни места во МВР.

Матеја Петровски