Словенечката влада со план за одење во пензија на 67 години

Happy Senior Couple Enjoying Each Other in The Park.

Владата во Словенија планира пензиска реформа, која, меѓу другото, предвидува граѓаните да одат во пензија на 67 години. Моментално, работниците се пензионираат на 65 години.

За осигурениците без 40 години работен стаж, возраста за одење во пензија се зголемува на 67 години.

Од друга страна, се предлага и поповолен начин за пресметка на пензиите во однос на просечните плати, па и за машките и за женските осигуреници ќе изнесува 63% од просекот на кој се пресметува основицата за пензија. Оваа реформа постепено би се воведувала во следните 6 години.

Досега, пензијата се пресметуваше на основица од 57,25% од просечната плата за мажи со 40 години работен стаж и од 60,25% за жени.

 Една од предвидените промени е и тоа што осигурениците кои ги исполнуваат условите за старосна пензија можат и натаму да работат. Досега им била „замрзната“ поголем дел од заслужената пензија. Нацрт предлогот за пензиски реформи ќе влезе на јавна расправа, а за да помине во парламентот потребно е Владата да обезбеди просто мнозинство.

Пензиите на стартот на годинава биле зголемени за 2.7%, а Владата планира до крајот на годината уште еднаш да ги зголеми пензиите, со што порастот ќе изнесува 4%.