Слободен пазар: нема драстични промени на цените на горивата

Трговците ја послушаа регулаторната комисија за енергетика и не ги променија драстично цените на горивата. Речиси на сите бензински пумпи денеска се точат за еден денар поевтини бензини и за половина денар поскап дизел. Еуросупер 95 се продава за 71, 98-цата за 73 денари по литар, а дизелот за 64 денари по литар на бензинските на Макпетрол, Лукоил, Макоил, Пуцко Петрол, Детоил. На бензинските станици на „Gulf“, 95-ката и дизелот се точат по овие цени, единствено поскап е бензинот од 98 октани, се продава за 73,5 денари за литар. Вицепремиерот Анѓушев е задоволен што трговците не ја злоупотребиле ситуацијата и одлуките поминале без драстични ценовни шокови.

Трговците со деривати од денеска самите ги одредуваат цените на горивата, бидејќи навреме не стапи на сила новата методологија. Од регулаторната комисија се надеваат дека законските измени ќе поминат неделава и дека веќе од понеделник ќе продолжи праксата РКЕ да ги објавува новите цени. Анѓушев вели дека државата поставува само највисок праг на цените на горивата, па сега останува на трговците меѓусебе да си конкурираат и ако сакаат, да се откажат од максималната маржа.

-Основниот предзнак на законот за енергетика што го донесовме е повторно конкурентност и либерализација и државата нема да се меша во тоа. Напротив државата единствено само ќе постави максимален праг на цените на горивата, а под тој праг им е дозволено на сите нафтени компании или компании што се занимаваат со продажба на нафтени деривати да воспостават свои пазарни цени. Максималниот праг е со цел да ги заштити граѓаните од евентуалното монополско здружување кое не можам да кажам дека постои, рече Анѓушев.

Кога горивата пред скоро 7 години надминаа 90 денари по литар, трговците не реагираа и не се откажаа од своите максимални маржи, за разлика од компаниите во соседството. Сега тие бараат маржата од 3.2 да се зголеми на 6 денари по литар. Од РКЕ с еуште прават анализи з ановата методологија з апресметка на цените. Засега е извесно дека ќе се исклучи досегашниот трошок од 29 долари за тон кој ѝ се признаваше на Окта, но и ќе се признаваат зголемени трошоци за транспорт, складирање, маржа за малите трговци.

Тања Попова