Слободан Трендафилов е нов претседател на Сојузот на Синдикатите на Македонија

ССМ доби нов претседател. Слободан Трендафилов доаѓа на местото на Дарко Димовски како прв човек на најголемата синдикална организација во Македонија. Новиот синдикален лидер вели дека ќе продолжи да се залага за поголеми плати и подобри услови за сите работници.

Ќе се залагам за повисоки плати за работниците, како и за поголема безбедност на работните места, а пред се за достоинствена живеачка. Ова за Алфа го изјави Слободан Трендафилов, новиот претседател на Сојузот на синдикати на Македонија. Тој беше избран по денешниот Конгрес што се одржа во Скопје. Трендафилов беше единствен кандидат за претседател на ССМ.

- Конгресот едногласно одлуци за лидер на ССМ да ме избере мене. Ние сите заедно продолжуваме да ја водиме работничката борба, работничката мака е голема. Ние како синдикалци ќе се залагаме за платите на работниците да ги зголемиме, исто како што функционерите си ги зголемија сопствените плати. Ќе правиме се за работникот да биде задоволен, и ние заедно сплотени продолжуваме да газиме јако, за подобри права на работникот, вели во ексклузивна изјава за Алфа, Слободан Трендафилов, новоназначениот претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
Конгресот започна со едноминутно молчење во знак на почит кон прерано починатиот претседател на ССМ, Дарко Димовски и неговите заложби за синдикалното делување. Трендафилов рече дека поминуваат низ тежок период, но и покрај тоа, ќе ги штитат правата на работниците, кои за жал, се повеќе си заминуваат од сопствената земја.

Трендафилов дојде на местото на Димовски кој ја извршуваше функцијата претседател на ССМ од декември 2017 година, а претходно беше претседател на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, занаетчиството и заштитните друштва.
Веста ја објавија неговите колеги од ССМ, а пријателите и соработниците преку социјалните мрежи се збогуваа со досегашниот синдикалниот лидер.
Дарко Димовски, почина во првата половина на јуни годинава на 45-годишна возраст по кратко боледување. Колегите, соработниците и работниците, ќе го паметат како голем борец за работничките права кој остави белег во синдикалното и работничкото движење на Македонија.
Борис Грујоски