Слепите лица бараат подобри услови за живот

Голем проблем е да се живее во оваа состојба зошто цело време чувствуваме зависност од некој друг, кој треба да биде покрај нас.

Вака Тоше Илиев од Кочани, член на Националниот сојуз на слепите, раскажува за предизвиците со кои се соочуваат луѓето со делумно или целосно оштетен вид.

-Премногу ни недостига да има озвучени семафори, или патокази кои ќе не водат до институциите и низ градот, и недостасуваат аудио книги. Сите ние сме интелегентни, сакаме да учиме,  истражуваме, да се надоградуваме, вели Илиев.

Изградба на Дом за стари и изнемоштени слепи лица и на Национален центар за рехабилитација каде ќе можат постојано да престојуваат, да учат занимања, Брајово писмо, компјутери, говорни програми, јазици. Ова се само дел од барањата на слепите и слабовидните лица во Македонија.

-Како лица со најтешка категорија на инвалидност во Македонија, секојдневно се соочуваат со безброј проблеми. Пристап до непосредна физичка околина, нема многу тактилни патеки, јавниот сообраќај не е озбучен, не знаете на која станица пристигнува автобусот, што не е добро за туристи, а не пак за слепи лица, вели Генералниот секретар на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија Стерја Димов.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека се обидуваат максимално да им излезат во пресрет на слепите лица.

-Развиваме сервиси кои се во прилог на слепите лица. Еден од сервисите е персоналната асистенција. Истата овозможува лицата со тешка или најтешка попреченост да имаат право на персонален асистент кој ќе им помага во секојдневниот живот, изјави советникот на министерката за труд и социјална политика, Вангел Тркаљанов.

Преку општински и меѓуопштински здруженија, членови на националниот сојуз им помагаат на повеќе од 2.500 слепи и слабовидни лица од целата држава.

Сања Т. Ставров