Следниот викенд Галичка свадба – Промовирани невестата и зетот

Прочуената Галичка свадба повторно ќе одекне на падините на планината Бистра – следниот викенд ќе се оддржи 48. издание на оваа културно-сценска манифестација. За галички зет и невеста оваа година се избрани Илчо Димитров и Елена Дуровска. Покрај нив, годинава ќе има уште четири други венчавки во рамки на манифестацијата. Организаторите се среќни што од година во година младите се повеќе се интересираат за учество на Галичката свадба.

Голем предизвик да изберат двојка од вкупно пет официјално пријавени двојки. Во рамки на првата селекција две двојки отпаднаа, останаа три кои ги исполнуваа потпишаните критериуми во целост, изјави Александар Костиќ – Претставник на организацискиот тим на месната заедница Галичник

Традиционален поддржувач на манифестацијата е Министерството за култура, а покровител на настанот е Претседателот Стево Пендаровски.

Препознавајќи ги трудот и љубовта што се вложуваат за зачувување на оваа уникатна традиција, со Институтот за фолклор работиме на елаборат за зачувување и заштита на галичките свадбени обичаи, со што Галичката свадба и нејзините обичаи, за првпат во нивното шеесетгодишно манифестациско постоење, ќе ја добијат заслужената институционална заштита, изјави министерката за култура – Бисера Костадиновска Стојчевска

Партнери оваа година се повторно и Пивара Скопје и нејзините брендови, соработка која трае 48 години односно од самите почетоци на постоење на Галичката свадба.

Особено ни е чест и задоволство што го продолжуваме партнерството, долгогодишното партнерство со Галичката свадба, кое непрекинато трае 48 години. Традицијата е она што ја поврзува Галичката свадба со пивара Скопје и токму затоа сакам да ви најавам дека ние продолжуваме со ова партнерство и следните години и дополнително планираме да го продлабочиме ова стратешко партнерство, изјави Марија Мининчиќ – менаџерка за партнерства со заедницата на Пивара Скопје

Програмата на годинешната Галичка свадба започнува вечерта на 15-ти јули, со јубилеен концерт посветен на великанот на народната песна Александар Сариевски, кому годинава му се навршуваат 100 години од неговото раѓање, а кој е родум од Галичник. Свадбените активности пак традиционално ќе започнат во сабота на 16-ти јули.

Бојана Златкова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста