Слатките и убави зборови на германскиот претседател се притисок за уставни измени- дали повторно ќе имаме преспанско сценарио?!

Слатките и убави зборови на германскиот претседател Штајнмаер, не се ништо повеќе од обичен, но голем притисок кон македонските политичари да гласаат за уставните измени. Честите посети на европските и светски политичари, наликуваат на истиот процес пред промената на уставното име, сметаат познавачите. Според аналитичарот Синиша Пекевски не е случајно што светската дипломатија последниов период е толку заинтересирана за Македонија. Целта е јасна, а тоа е притисок да се изгласаат уставните измени во законодавниот дом.

-Притисокот што го прават странските дипломати поврзано со измените што треба да се случат во македонското Собрание се извесни и за тоа во толкав број, толку често во последно време. Истото беше ако се сеќавате пред да го промениме името на државата, нема кој од европските, а да не кажам и светските политичари се со цел да извршат притисок да се промени името на државата, изјави Пекевски.

Пекевски е на ставот дека уставните измени сепак нема да значат светла европска иднина за Македонија, додека не ги решиме домашните проблеми, кои се рак рана во државава веќе долги години. Европската Унија не можеме да ја замислеме без решавање на проблемите во судството, корупцијата и многуте други проблеми кои ќе ни се најдат на евроинтегративниот пат.

-Ние ако сакаме да ги решиме проблемите со корупцијата, со невладеење на правото, со почитувањето на законите и на правото, не ни е потребно некој од ЕУ цело време да не притиска. Тоа ние мораме како основа да го направиме. Така да не верувам дека со отворањето и со внесувањето на Бугарите во Уставот дека ќе се придвижат некои промени, сето тоа е само приказна дека процесот се движи или дека бродот се движи напред, во суштина мислам дека само се ниша. Реално Македонија пред 2050-60 нема шанси да влезе во Европската Унија, изјави Пекевски.

Пред четири години од сите европски лидери добивавме ветувања дека со Преспанскиот договор ќе добиеме светлина на европскиот пат. Сепак на крајот добивме тунел без светло на крајот, наречен Бугарија.

Во моментов власта предводена од СДСМ и ДУИ со сите сили се обидува да најде пратеници со цел изгласување на уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот, како реално би ги започнале преговорите со Европската Унија. Проблем за нив секако претставува ставот на опозицијата, дека гласање за уставните измени во овие околности никако не доаѓа во предвид.

Матеја Петровски

Advertisements