Скроен нов тарифник за струја, новата повисока цена ќе се знае во среда

Повисоки сметки за струја за оние што повеќе трошат. Регулаторната комисија за енергетика го скрои новиот тарифник. Новите блок тарифи ќе важат само за скапата струја, не за евтината. Ќе се плаќа според потрошувачката.

БЛОК ТАРИФИ НА СТРУЈА                    МЕСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА

1 БЛОК                                                                                     0 – 210 kwh

2 БЛОК                                                                                  211 – 630 kwh

3 БЛОК                                                                               631 – 1.050 kwh

4 БЛОК                                                                                  над 1.050 kwh

Во првиот блок влегуваат домаќинствата со потрошени 210 киловатчасови, во вториот блок оние од 211 до 630 киловатчасови, во третиот оние од 631 до 1050, а во 4-тиот оние со над 1050 киловатчасови потрошена струја. Дури 99% од семејствата спаѓаат во првите 3 блока. Од Регулаторна велат дека тие ќе имаат пониски сметки. Сепак, овие пресметки никогаш нема да станат реалност, бидејќи се направени по сегашните цени, кои за два дена ќе се вивнат нагоре. Секој блок ќе има фиксна цена. За 5 до 9 илјади домаќинства во 4-тиот блок цената ќе биде и до 4 пати повисока, односно близу пазарната.

„Овие 5.400 се тие што рударат, тие што греат или ладат неколку стотини квадрати станбен простор, некои правни лица кои имаат право да бидат третирани како физички, како градинки итн“ – вели универзитетскиот професор Рубин Талевски.

Броилата не треба да се менуваат поради новиот тарифник. Големите семејства кои се евидентираат на едно броило ќе треба да поднесат барање за дополнителни броила, а ЕВН ќе треба навремено да одговори. Од Регулаторната комисија бараат ЕВН редовно да ги чита броилата. Смируваат дека граѓаните не треба да стравуваат дека поради подоцнежно читање ќе влезат во некој повисок блок, па ќе треба да плаќаат повеќе.

„Доколку читањето е направено за 40 дена, од било кои причини, тогаш првиот блок се добива на следниот начин: 40 дена помножено со дневната потрошувачка од 7 киловатчасови, значи првиот блок ќе биде 280 киловатчасови. Значи на ЕВН нема да му одговара да не чита на време “ – вели Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

Регулаторна во среда ќе ја соопшти новата повисока цена на струјата. Она што е засега познато е дека цената која ЕСМ ја понуди на Универзалниот снабдувач е за 17%  повисока од сегашната, Електродистрибуција побара 80%, а МЕПСО 68% зголемување.

Тања Попова

Поврзани вести