Скопје ја пречека 2019-та година – централна прослава на плоштадот Македонија

Поклопувањето на стрелките на часовникот и полноќниот спектакуларен огномет од скопскиот плоштад го означи почетокот на новата 2019-та. Бакнежи, искрени прегратки и здравица за успешна година си посакаа сите кои одлучија новата година да ја започнат од центарот на метрополата. Сите си посакаа здравје, среќа и љубов, но и повеќе пари. Очекуваат дека овие 365 дена ќе бидат подобри од претходните на личен план, но посакаа и поубави денови за државата.

Градскиот плоштад претесен за граѓаните кои одлучија на отворено да ги испратат последните часови од 2018-та и да ја дочекаат новата 2019-та. Забележливи беа и гостите од странство кои годинава беа во голем број, а уживаа во музиката на рок легендите од Парни Ваљак.

Некој на патување, на журка во кафе бар или дискотека, а повеќето дома со најблиските – скопјани и гостите кои дојдоа во главниот град одлично се забавуваа во најлудата ноќ.

Сепак и метрополата имала релативно мирна новогодишна ноќ без поголеми инциденти.

Ивана Соколовиќ Најдова