Скопје уште гние: Дел од контејнерите испразнети, ама не и депониите околу нив
Скопје уште гние. Контејнери се празнат, ама не и депониите околу нив. Вака изгледаа добар дел од скопските улици изутрината. Граѓаните се чудат, како е можно службите да ги испразнат контејнерите, ама брда депонии да остават околу нив – што се еднакво, а можеби и повеќе потенцијална зараза.

Чуден тренд на чистење на ѓубриштето што се наталожи неколклу дена по драмите во Комунална хигиена. Сега контејнерите се празнат ама никој не ги допира депониите околу нив, што се направија оти скопјани заради преполните контејнери фрлаа околу нив. Ова е сликата особено во помалите улици од каде се шири ужасна миризба од сметот што не е собран. Граѓаните се револтирани и прашуваат како е можно службите да ги испразнат контејнерите, ама ѓубрето околу да го остават. Велат дека ова е крајно несериозно, зашто во близина има игралишта за деца, кои го дишат овој отров, односно потенцијална зараза.
- Цел свет сум го прошетала, ама ова никаде не сум го видела. Катастрофа. Како не им е срам на службиве, како не им е срам на надлежните? За што се тука?! За што ги плаќаме, за овај хаос да го гледаме? Мизерија од народ сме. Немам коментар, реагираат граѓаните пред камерата на Алфа, откако се уште ѓубрето не е собрано од некое улици.

Тера ли инает скопски комуналец? На една од локациите во Аеродром камион на „Комунална хигиена“ празни контејнер додека ѓубрето околу него останува расфрлано. Неделата вечерта камиони и со лопати собираа околу контејнерите, па е нејасно зошто селективно се расчистува…
Иако делумно се чисти ѓубрето, тоа не е баш така секаде. Инаку веќе 4-ти ден Скопје се „дави“ во гнасотија, ѓубре и смрдеа. Иако дел од камионите на „Комунална хигиена“ излегоа да чистат, сепак неколкудневното таложење и насобирање на отпадот не е лесно да се собере.

И додека надлежните си ја префрлаат топката кој бил крив за овој хаос, менаџментот во скопски „Комуналец“, наместо за чистотата на гласвниот град, еден по еден ги брка од работа луѓето кои протестираа. Директорката на комуналното претпријатие подели 27 откази. Вработените тоа го дознале откако стигнале на работа, а своите имиња ги прочитале на огласна табла. Избрканите се работници се пожалија и велат дека побарале леб, а добиле отказ.
Борис Грујоски