Скопје догодина треба да добие нов забавен парк – презентиран новиот проект

Со површина од 26.000 квадратни метри, и капацитет за околу 300.000 посетители, Скопје најверојатно до средината на наредната година треба да го добие долго најавуваниот забавен парк. Денеска во градот беа презентирани содржините од проектот, изработени од италијанска компанија, кои се и донатори на студијата и планот за изградба. Новиот забавен парк, според планот, предвидува најсовремени реквизити.

– Вакво нешто нема во радиус од 250 километри. Градот ја доби студијата бесплатно благодарение на мои лични долгогодишни релации. На моја молба, пред шест месеци во Скопје дојдоа претставници на италијанската фирма и направивме обемна анализа. Очекувам студијата да биде прифатена на наредната седница на Советот на Град Скопје, со цел во текот на јуни да ја почнеме постапката за проектирање и набавка на реквизити, за да можеме да го отвориме паркот до средината на идната година, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Луна паркот ќе биде на истата површина како и досега и нема да се уништува зеленило во Градски парк, рече градоначалникот. Сите реквизити во паркот ќе се поставуваат, односно лоцираат, според постојните дрвја на парцелата.

Шилегов не можеше да каже колку точно ќе чини проектот, рече дека ќе стане појасно откако ќе почне постапката за реализација, но италијанскиот архитект во своето излагање спомна дека проектираниот буџет е околу 11,7 милиони евра.

– Скопје не е Њујорк, па да гради парк од типот на Дизниленд. Мислам дека ова е добар проект и соодветен за Македонија, рече архитектот на италијанската компанија на „Баусаа“, Франко Бараѕони, кој го изработи проектот.

Ако се оди според најавата, паркот ќе има 24 реквизити – наменети за цело семејство. 80% од паркот ќе биде наменет за семејно задоволство, а останатите 20% ќе биде адреналински дел – за оние кои бараат поголеми возбудувања. Ќе има и паркинг од 11.000 квадратни метри, ресторани, продавници, театар со 200 седишта, фонтани, како и добра инфраструктура. Сега местото каде ќе се гради новиот паркот е вон функција.

Борис Грујоски