Скопје денес: „Луна паркот“ само на хартија, бесплатни автобуси нема, ама има уште поголем сообраќаен хаос

Луна паркот уште е само најава, Скопје не доби бесплатни автобуси, ама доби уште поголем сообраќаен хаос. Градот е нечист. Ова се ставовите на скопјани. Не се среќни во сопствениот град, во кој и по промената на градоначалникот, Скопје не стана подобро место за живеење.

Наместо брз, модерен и бесплатен градски превоз, скопјани остана без доволно автобуси. Главниот град е раскопан и нечист како никогаш до сега. Симболот на Скопје, улица Македонија која едно време блескаше во полн сјај, сега ја нардуваат искршените клупи и неуреденоста. И по цели 18 месеци, првата жена на Скопје, Данела Арсовска, не собра сили да направи речиси ниту еден капитален проект за главниот град, реагираат скопјани. Она што го направи, велат, е само хаос во Градот, ископани улици и нервозни граѓани, велат тие.

- Чекам два саати и нема автобуси, а демек бесплатен превоз ќе имавме, да еве имаме, пешки морам да одам, реагираат скопјани пред камерата на Алфа.
Една од болните точки за најмладите е скопскиот „Луна парк“ кој од ден во ден се повеќе скапува, лоциран во срцето на Скопје. Полн со ѓубре, и обраснат со трева, вака изгледа забавниот парк во Скопје, кој со години ја нагрдува сликата на главниот град.
Претходно, Данела Арсовска рече дека постапката за изградба ќе отпочнела наскоро.

- Откако се добиени сите документи се отпочнува најпрвин постапката на тоа да се обезбедат дополнително бројот на реквизити, расчистување на теренот и поставување на постаментите, рече Данела Арсовска на 22/03/2023.
Скопјани не веруваат дека годинава забавниот парк ќе проработи.
- Срамота и мизерно е ова за Скопје, па на што личи ова ајде кажете ми, видете, немам зборови, велат граѓаните на главниот град.
Колку за потсетување, еве како изгледаше Скопје во 70-тите години, а како Скопје изгледа денес.

Некогашното место каде израснаа и се забавуваа десетици генерации, повеќе од деценија е оставено во заборав, и е само сеќавање за некои минати поубави времиња.
Инаку Скопје нема забавен парк повеќе од 7 години. Ексградоначалникот Петре Шилегов го прекина проектот почнат од неговиот претходник Коце Трајановски, со образложение дека не бил добар и дека во Скопје ќе се градел забавен парк.
Што се однесува пак, до инфраструктурата, речиси и да нема улица во Скопје без дупки, реагираат граѓаните, кои се револтирани од работата на градските власти, зашто како што велат, ништо добро не виделе изминатиов период.
Борис Грујоски