Скопјани ќе почекаат уште една година за Луна Парк

Скопјани ќе го видат новиот Луна Парк, но само во 3Д презентација. Наредната недела скопскиот градоначалник ќе го покаже проектот како би изгледал паркот, кој никако да почне да го реализира. Како ќе изгледа новиот Луна парк, градоначалникот рече дека ќе дознаеме наскоро.

Ако се суди според најавите на градските власти, по се изгледа дека забавниот парк ќе биде пуштен во употреба веќе од средина на 2020. Шилегов се сигурен дека повеќе нема да губи време, и замислата ќе стане реалност. Зошто се чека толку време, градоначалникот рече дека не сака да импровизира, за што било потребно време за проектот квалитетно да се сработи.

Луна Паркот веќе неколку години не функционира. Градот под раководство на Коце Трајановски прво бараше приватен инвеститор, а откако не најде – реши самостојно да го обнови, за што веќе имаше и проект. По доаѓањето на Петре Шилегов активностите беа запрени и процедурата вратена на почеток. Сега вети дека работите тргнале од мртва точка и дека таму се работи.

Во меѓу време, скопјани се забавуваат на адреналинскиот забавен парк поставен кај спортскиот центар Борис Трајковски, но само привремено.

Борис Грујоски