Скопјани не знаат дали да платат за парно, Владата вели не, БЕГ си ги бара парите

Владата им порача на граѓаните да не ги плаќаат последните сметки за парно. Овој став на министерот за економија Крешник Бектеши доаѓа откако БЕГ им пушти на Скопјани за 40% наместо за 15% повисоки сметки за август. Тој вели дека БЕГ е компанијата која имала долг кон државата. Субвенциите ќе ги добиеле следната година кога ќе се извршело порамнување по доставата на завршните сметки.

Скопјани збунети – сега не знаат дали да платат или не. Пред десетина години кога БЕГ ја презема дејноста од Топлификација, порамнувањето не беше исто за сите граѓани. На некои дури и Топлификација им должеше пари. Други, пак, се соочија со извршители поради ненаплатени сметки.

Од Регулаторната комисија за енергетика  им порачаа да не плаќаат и да чекаат БЕГ да ги поништи и да им достави нови пониски сметки. Од БЕГ пак, порачаа дека пратените сметки мора да се платат. Биле повисоки бидејќи договорот за субвенции од Владата истекол уште во април, па немало правен основ за субвенционирање на авансните августовски фактури до потрошувачите. Од БЕГ порачаа дека крајниот рок за плаќање на веќе пратените фактури е 21-ви септември, а Владата не им ги префрлила ветените субвенции ниту претходно.

„Субвенциите кои БЕГ Снабдување ги пресметуваше во фактурите за топлинска енергија во месец февруари, март и април 2022 година во висина од 99,6 милиони денари согласно Одлуката на Владата сè уште не се исплатени, односно субвенцијата на потрошувачите на топлинска енергија до овој момент е на товар на компанијата“ – велат од БЕГ.

Регулаторна и ги одзеде трите лиценци на БЕГ поради нарушена ликвидност. Пред една недела Владата објави тендер за избор на нов оператор за производство, снабдување и дистрибуција. Отворањето на понудите за нов оператор треба да се случи на 7 септември. Најверојатен избор се државните електрани. ЕСМ веќе формираше три компании и ќе се јави на тендерот. Главните дилеми се дали ТЕ-ТО ќе успее да обезбеди 70% од вкупната потребна топлинска енергија во главниот град, дали ќе се набават доволни количини гас и по кои цени, или пак доколку има проблеми дали топланите ќе работат на мазут кој енормно загадува. Надлежните смируваат, но експертите одамна порачаа дека власта не треба да глуми нормалност во ваква криза и да објави резервен план во случај ветеното да не се оствари.

Тања Попова