Скопски Џез фестивал најавува жалби: Со преполовен буџет нема добар фестивал

„Скопскиот џез фестивал“ и „Офф фест“ се огласија околу доделените сретства по ревидирањето на годишната програма на Министерството за култура, па најавуваат жалби за преполовениот буџет со кој, како што велат, не можат да имаат соодветна програма.

„Во ревидираната годишна програма на Министерството за култура, објавена пред 3 дена, средствата определени за манифестациите „ОФФ-Фест“ и „Скопски џез фестивал“ се речиси преполовени во однос на оние со кои Министерството партиципираше долга низа години, вклучувајќи ја и минатата. Тие практично не обезбедуваат можност за сочувување на квалитетот и исклучително високото меѓународно ниво на двата фестивала туку само преживување со локална и регионална програма, што ние, имајќи ја на ум долгата традиција, нема да го прифатиме. Со оглед дека евидентиравме бројни грешки (некои и многу груби), во вреднувањето на нашите апликации преку бодирањето извршено од „стручната комисија“, ќе ја искористиме можноста за жалба. Едновремено, потсетуваме дека во првата објава на резултатите од Годишната програма обете апликации ни беа одбиени сo образложение дека недостасува потребната документација, на што ние реагиравме, а увидот на правната служба на Министерството го потврди нашето тврдење дека пријавите за двете манифестации што ги организираме се комплетни! За жал, целата оваа рашомонијада се случува во период во кој ние, во нормални околности, треба да се бавиме со други организациони активности (практично оневозможени) и да испраќаме поинакви соопштенија – најнапред за целосната програма на претстојниот „ОФФ-Фест“, а потоа и за џез-фестивалот, нешто што сите наши колеги од големите европски фестивали веќе го имаат сторено“, напишаа на својата фејсбук страна Скопски џез фестивал.

Претходно директорот на фестивалот Оливер Белопета, чиј проект беше одбиен на скандализираниот прв конкурс на Министерството за култура, го демантираше премиерот Зоран Заев кој изјави дека џез фестивалот не доставил ниту еден документ според протокол.

Цитирам: “Смешно и трагично е да ви кажам дека ни еден документ нема доставено еден џез фестивал. Ни еден.документ. Го молеа до последен момент. Еден документ, по процедура, по протокол, по се. Секој поединечен искажан збор е неточен! Комплетна лага! Не е мое да претпоставувам кој од неговите најблиски кабинетски соработници му пренесува вакви “информации“, иако притоа не би бил далеку од вистината“, напиша тогаш Белопета на Фејсбук.