Скопските градоначалници среде избори засукаа ракави

По речиси две години на власт, градоначалникот на Скопје дури сега се зафати со работа. Почна со масовна акција за чистење диви депонии во главниот град во сите општини. Рече дека чистиот град е нешто што сите го заслужуваме, иако малку забави со работата.

– Со масовноста на оваа акција сакаме да го привлечеме вниманието на граѓаните и да укажеме на штетноста од несовесното постапување со отпадот и опасноста од создавањето диви депонии. Депониите не само што ја загрозуваат животната средина туку претставуваат и директна закана за здравјето на граѓаните. Државниот завод за статистика неодамна објави податок дека eден жител во земјава во текот на минатата година создал 412 килограми отпад, што е за 8,6 натсто повеќе од 2017 година, рече градоначалникот Петре Шилегов.

Во акцијата учествуваат администрацијата на претпријатијата и општините, студентите од сите универзитети, претставници од невладиниот сектор, како и средните и основните училишта.

Од комунална хигиена велат дека целта на акцијата е подигнување на свеста кај граѓаните за штетноста од несовесното постапување со отпадот и опасноста од создавање на диви депонии, што е директна закана за сите.

Вицепремиерот за евроинтеграции кој се приклучи кон чистењето рече дека метлата која влегла во политиката, политичарите реално да ја искористат во пракса.

– Чистата средина е една од суштинските европски вредности што треба да ги промовираме и треба да работиме на нејзе што повеќе и бидејќи „метлата“ влезе во високата политика сакам да испратам апел до политичарите дека треба да се фатат и за оваа вистинската, реална „метла за да можеме да се соочиме со реалните проблеми на граѓаните и на овој начин доаѓаме во директен контакт со нивните идеи и предлози и нивните предизвици, а токму тоа ни треба сега да се соочиме со граѓаните и нивните потреби, рече вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Помеѓу двата изборни круга локалните власти почнаа секој ден да посетуваат по една дива депонија во Скопје.

Од друга страна граѓаните се жалат на работата на градоначалниците. Велат дека она што го ветиле не го исполниле и дека се незадоволни.

Засилената активност на терен во очи на гласањето следува откако СДСМ изгуби 55.000 гласови во првиот круг од претседателските во однос на локалните избори.

Борис Грујоски