Скопските градоначалници бараат на Арсовска да и се одземат ингеренциите за комуналната хигиена
Кривична одговорност за Данела Арсовска, расформирање на Комунална хигиена и преземање на надлежностите од страна на општините доколку не се надмине хаосот во главниот град. Ова се заклучоците на Советот за регионален развој на Скопје во кој членуваат градоначалниците на општините кои ја сочинуваат метрополата. Бараат трајно решение за надминување на проблемите кои како што велат, само се таложат откако Арсовска стана градоначланичка.
- „Она што ние го бараме, за расформирање на комунална хигиена, и предавање на механизацијата и ингеренциите на нас, сметаме дека е заеднички став, тоа го дискутиравме и изминатиов период. Ние сметаме дека со многу помалку ресурси, за она што го плаќаат граѓаните, ќе им овозможиме многу по квалитетна услуга од оваа услуга која што ја нема денеска.“ – Истакна Ѓеоргиевски и додаде оти длабоко се кае што ја подржал Арсовска за градоначалник. Доека пак градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, повика на разум и разбирање. Вели дека му е нејасно како може во Дрисла отпад да одлагаат камиони од странство, а не и домашните.
- „Ние како што гледате сме обединети. Тука нема политичка партија, нема етничност, нема општина по богата, по сиромашна. Се слушнавме, се понудивме да си помогнеме. Ние тоа разумно го констатиравме. Немаме капацитет како општини. Патем немаме ниту финанскски ресурси како што има градот Скопје ова да го решиме.“ – Порача Муцунски.
И градоначалникот на Општина Центар ги поддржа заклучоците, а на состанокот не беа присутни првите луѓе на Карпош, Чаир и Сарај, а секако ниту градоначалничката на Скопје.
- „Проблемот е заеднички. Не треба да се политизира. Станува збор за граѓаните и нивното здравје и треба што поскоро да се најде решение. Решението е што побрзо да се изменаџира ситуацијата во градот, заедно со комуналното претпријатие и нивните вработени.“ – Истакна Герасимовски
Градоначалниците на општините бараат Градот во рок од 48 часа да подготви извештај за јавната хигиена, неодложно да ги преземе сите дејствија за справување со отпадот, а Советот на Град Скопје да оддржи вонредна седница.
Никола Цветкоски