Скендер Реџепи најави дека ќе формира партија
Најава за нова партија во албанскиот политички блок. Ќе ја формира независниот пратеник Скендер Реџепи, поранешен член на Алтернатива. Себеси, како што истакна во интервју за ТВ 21, не се гледа во друг политички субјект, а „алтернативците“ не му дале прилика за промени во партијата.
„Ќе подадам рака за соработка на тие кои излегоа од Алтернатива, заедно да почнеме ново политичко патување“, вели Реџепи.
Тој е свесен оти се формираа многу партии на Албанците, а следните избори, според него, ќе бидат поделени меѓу европскиот фронт и опозицискиот блок.
Вклучително и новата партија на Реџепи, во албанскиот политички блок ќе дејствуваат барем осум партии – ДУИ, Алијанса за Албанците и ДПА, кои се во Владата, Европска демократска партија на Аријанит Хоџа, која го поддржува европскиот фронт и Беса, Алтернатива, Демократско движење и партијата на Реџепи како опозициски блок.