Скандал: Јавното Обвинителство две години било прислушувано

На основното јавно обвинителство му беа потребни две години за да дознаат дека е снимана телефонската комуникација вршена во нивниот објект, па дури сега да отворат предистражна постапка за случајот.

Според соопштението кое беше испратено до јавноста со штури и нејасни информации, од ОЈО објаснуваат дека снимањето се вршело на два хард диска на телефоснката централа сметена во просториите на институцијата. Од ОЈО не даваат информации кој и за која цел ги снимал тие разговори и дали опремата за снимање е донесена со пуштањето на употреба на новата зграда или пак е дополнително набавена и инсталирана.

Ќе се утврдуваат сите аспекти од настанот, вклучувајќи проверка на тендерската документација за набавка на опремата, овластувањата за нејзино користење, како и дали, во колкав обем и за кои цели е вршена употреба на снимените податоци.

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, вината за ваквите случувања ја лоцира во првиот човек на МВР, Оливер Спасовски кој во 2016тата бил технички министер, а и се уште е министер на една од клучните институции во државата. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат оставка од Спасовски.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски, за снимањето на телефонските разговори во ОЈО , велат дека го осудуваат овој чин, но и дека МВР било целосно вклучено во предистражната постапка.

Информацијата за скандалот со телефоните во ОЈО, денеска на брифинг со новинарите ја обелоденил првиот обвинител Љубомир Јовевски.

Алфа не беше поканета на ваквиот брифинг, бидејќи не сме биле дел од некаков проект во обвинителството, па затоа не сме биле повикани, што е спротивно на етичките кодекси за транспарентно и професионално известување на јавноста.

Мери Георгиевска