Скандал по скандал во Агенцијата за филм откако Венецискиот филмски фестивал застана во одбрана на Милчо Манчевски

Скандал по скандал во Агенцијата за филм. Директорот Бојан Лазаревски се дрзна јавно да му соли памет на раководството на реномираниот и најстар во светот филмски фестивал, Венецискиот филмски фестивал, заради тоа што застанал во одбрана на Милчо Манчевски. На Лазаревски му пречи што Венецискиот филмски фестивал изрази поддршка за најуспешниот и најпознат македонски филмски  режисер кој со месеци е изложен на политичка хајка и прогон заради алармите за корупција во Агенцијата за филм.

Лазаревски бара Венецискиот филмски фестивал да го повлече писмото во кое се дава поддршка за Манчевски. Твди дека биле во заблуда и немало прогон:

  • Изразуваме огромно жалење што вие како први луѓе на филмскиот фестивал во Венеција и филмските професионалци во Италија сте доведени во заблуда, без да ги знаете фактите и вистината и што на овој начин дополнително правите притисок на јавноста и институциите во нашата држава. Во конкретниот случај за кој реагирате, не станува збор за никаков прогон на автор (режисер и сценарист), туку станува збор за истраги и постапки за правен субјект“ реагира Бојан Лазаревски – Директор на Агенција за филм.

Агенцијата за филм му поднесе кривична пријава на Манчевски, односно на неговата продукција Банана филм откако тој јавно зборуваше за проблемите и финансиските дубиози. Освен кривичната пријава Манчевски остана без каква било поддршка за последните два негови проекта „ Кајмак “ и „ Збогум Копакабано“. Неговиот аларм наиде на ѕид и осуда дома за што на 4 август и пристигна реакцијата од Венеција фестивалот каде тој повеќепати се најде на пиедесталот уште во 90-те и тоа со неговиот прв филм „ Пред дождот “.

  • Се чудиме што вашето храбро осудување на неправилностите направени од Агенцијата одговорна за поддршка на македонската кинематографија беше проследено со неверојатна кампања на прогон и континуирано непријателство од страна на агенцијата чие недолично однесување, згора на сè, беше потврдено. Искрено се надеваме дека претстојното објавување на резултатите од новата истрага спроведена од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), конечно ќе ја расветли целата ситуација и ќе стави крај на прогонот што го претрпевте досега“, се вели во писмото на Венециски филмски фестивал.

Проблемот дополнително добива на скандалозност ако се знае дека досега ниту една државна и надлежна институција нема најдено какви било нерегуларности во работењето на „Банана филм“ на Манчевски. Тој изрази жалење што дури и Венеција морала да алармира за корупцијата во Македонија

„Просто ми е непријатно што дури и една Венеција сега се бави со корупцијата и политичкиот прогон во Македонија. Корупцијата, местењето конкурси и крадењето треба да запрат во Агенцијата за филм и во Друштвото на филмски работници.  Не сум единствен кој очекува Владата и Обвинителството доблесно да постапат“, реагира Манчевски.

За разлика од тоа што ниту една државна институција не утврдила неправилности во „ Банана филм“ , за Агенцијата за филм има негативно мислење од државен завод за ревизија, а случај отвори и антикорупциска. Управниот суд  прифати да се донесе времена мерка против Агенцијата за филм и пресуди дека Агенцијата не смее да ги стопира проектите, но се уште не е постапено според одлуката Транспаренси интернешнл пак објави анализа за работењето на агенцијата , во кој се наведува дека му се одмаздуваат на Манчевски како укажувач на корупција .  

Манчевски во неговите јавни аларми ја раскринкува и поврзаноста на првиот човек на Агенцијата за филм и двајца други клучни играчи кои добиваат милионски суми од државата за разни проекти. Станува збор за Томи Салковски генералниот секретар на „Скопје филм“ и Игор Иванов-Изи негов близок соработник. Оваа проудкција како последно доби половина милион евра од владата за прослави за државни празници. Салковски и Иванов се во раководството на Друштвото за филмски работници во кое редовно добиваат месечни паушали од Агенцијата за филм. Каква е нивната врска со Лазаревски покажува и фактот дека и двајцата контролираат два клучни проекта под капата на Агенцијата- битолскиот Браќа Манаки и Златна Рамка од Скопје. Апсурдот да е поголем, директорот на Агенцијата Лазаревски е назначен на функцијата иако нема никаква врска со филм оти доаѓа со претходно искуство од банкарскиот сектор.

Кристина Алексиеска

Advertisements