НАЈНОВИ ВЕСТИ

Скандалот на Онкологија за Ковачевски стана причина да се фали сам себе- бил прв премиер во чие владеење влегле истражните органи

Можните трагични судбини на илјадници болни од рак стана причина за Димитар Ковачевски да се фали сам себе. Бил прв премиер во чие владеење истражните органи влегле на Онкологија да испитуваат што се случува. Пишувањата во медиумите дека болни од карцином со години биле лекувани си физиолошки раствор, а лековите биле продавани на црниот пазар, беа причина премиерот да каже дека било успех што конечно некој влегол да ги испита тоа.

-Се работи за наводи кои што се грозни и кои што не смеат да се случуваат, а за кои што наводи сме слушале во текот на изминативе 20 години. Ова е прв пат да биде спроведена една ваква обемна акција за идентификување на можни сторители на вакви дела, изјави Ковачевски.

Дека ситуацијата не е од денес потенцираше и самиот Ковачевски, сепак не одговори зошто до сега се чекало да се испитаат овие сомнежи. Алфа уште во март годинава прашуваше зошто не се оди на Онкологија, да се испитаат тврдењата на пациентите дека немаат терапија.

-(Премиере сами кажавте дека трет пат сте во маркет зошто не отидете во школите да проверите дали има учебници или на онкологија дали има терапија можеби?) На Онкологија ќе ви одговорам само кратко, одам на Онкологија, кажа Ковачевски на 28-ми март годинава.

Тогаш премиерот избегна конкретно да одговори, сега пак се обиде да го персонализира прашањето, дека не морал да каже зошто лично бил на Онкологија, иако јасно беше прашан дали знаел и претходно за состојбите таму.

-(Премиере пред пет месеци кога одевте во маркети да проверувате цени на производи, ве прашав тогаш дали ќе одите на Онкологија да проверите дали има лекарства за пациентите, тогаш кажувајќи дека сте биле на онкологија алудиравте дека знаете, дали ја знаевте состојбата за која штои сега се зборува?) Дали јас сум бил на Онкологија и од која причина сум бил на Онкологија, сметам дека е премногу лично прашање. (Зошто сте биле никој не ве праша, прашањето е дали знаевте за оваа состојба за која сега се пишува во медиумите и за која што има истрага од полицијата и Обвинителството?) Сите граѓани, без исклучок дали се занимаваат со политика, со медиумска работа или било што друго, беа сведоци на јавните натписи кои што беа објавени, изјави Ковачевски.

Ковачевски се правдаше и дека овој криминал не бил само на оваа власт, тој бил мултипартиски и мултинационален, односно сторен бил од луѓе од различни партии и националности.

Матеја Петровски