Скандалозно избран нов претседател на лекарската комора

Скандалозно избран нов претседател на лекарската комора. Досегашната претседателка Калина Гривчева Старделова, за која медиумите веќе објавија дека е човек на власта, е повторно избрана. Зад затворени врати се водеше гласањето без дозволен пристап на набљудувачи и камери. Откако процесот на гласање заврши, само го соопштија името на Старделова без дополнителни детали за дискусијата. Она што јавноста до сега го знаеше е дека таа секако ќе влезе во трката, но до последен момент не се знаеше името на противкандидатот Емилија Велкова. Поранешната претседателка на комората Ленче Нелоска реагира дека ова се досега најнерегуларните избори.

Овие избори во лекарска комора се најнетранспарентните и најнерегуларните избори одкако постои лекарската комора. Централната изборна комисија не дозволи присуство на делегати, предложен од едната од кандидатките да присуствува на броењето, се затвори вратата, се стави обезбедување пред врата и излегоа со резултати по кои што старата претседателка е повторно нова претседателка, изјави Нелоска.

На гласањето Старделова победи со 51 глас наспроти 24 гласа за нејзината противкандидатка. Таа им се заблагодари што е повторно избрана.

Ни останаа многу работи недосработени, да кажеме што си дадовме агенда претходно и треба да ги досработиме. Има тука одредени законски регулативи, со кои што ние мора да се избориме, кои што дефинитивно треба да се влезени во собраниска процедура туку и да бидат изгласани и да излезат од собраниска процедура, дел да влезат и да повторно бидат изгласани. Мора да обезбедиме нулта толеранција за насилство врз доктори. Има многу, многу работа, изјави доктор Калина Гривчева Старделова.

Инаку лекарската комора за прв пат добива заменик-претседател од примарното здравство Беким Исмаили кој изјави дека ќе се борат за реорганизација на фелата во сите градови и општини со цел пациентите да имаат повеќе бенефити.

Бојана Златкова