Сиљановска: Не правам компромиси со правото, тоа треба да се спроведува

Резултатите од првиот изборен круг многу кажуваат, предупредуваат и испраќаат порака. Затоа го имате моето ветување – компромиси со право не правам. Правото треба да се спроведува, за него не треба никој да преговара, ниту партија, ниту личност, истакна кандидатот за претседател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска вечерва на трибина во општина Ѓорче Петров.

Се надевам, наведе Сиљановска, дека ќе дојде денот кога нема партиите да бидат тие кои ќе тргуваат со граѓанските гласови, туку секој сам индивидуално ќе си го искористи своето право зад кутијата.

Таа посочи дека е противник на избор на претседател во Собранието појаснувајќи дека во таква ситуација не верува во избор на најдобриот бидејќи, посочи, ќе го договорат.

– Граѓаните се помудри, знаат да направат прав избор и знаат зад кутијата да бидат свои, нагласи Сиљановска.

Според неа, на државата и се потребни реформи и тие треба да почнат од власта. Не треба да се сведуваат само на промена на името, туку, наведе таа, треба да се фатите во костец со криминалот и корупцијата, да ставите крај на непотизмот и на фамилијарните односи оти костурот на државата е државната администрација и бирократијата.

– Како што јас себе ќе си ги ограничам привилегиите, така мислам дека една одговорна власт треба да сфати дека вака не може. Чувме од сите, Макрон, Меркел, Ји, дека доста е со глумење демократија на Западен Балкан. Доста е со импровизации, со глумци, преваранти. Тоа нема да се евалуира. Би била среќна да добиеме датум за преговори со ЕУ, но ние сме далеку од тоа. Во ЕУ се оди со владеење на право, со корупција и криминал сведени на нула, со крај на непотистичките вработувања. Но, Македонија не е таква земја и затоа и стигна предупредувањето, рече Сиљановска.

Дополни дека пролетта е време за промени и оти датумот за претстојното галасање 5 мај може да биде почеток на градење нова македонска европска република и на демократски чекори што не можат да запрат при што граѓаните ќе го имаат последниот збор.

Според Сиљановска, резултатот од првиот изборен круг во Ѓорче Петров ја охрабрува и радува и е инспиративен на 5-ти мај уште повеќе луѓе да излезат на гласање.

– Нема подобра гаранција за демократската постапка и нема поголема контрола од бројот на избирачи. Благодарејќи ви, ве охрабрувам, ве инспирирам да си гласате по свое така како што ви кажува умот и срцето и мислам дека нема да згрешите. Ме имате овде пред вас со ветувањето дека она што сум го напишала во Програмата ќе го реализирам со ваша помош, рече Сиљановска.