Ситуацијата во штипската фабрика „Баргала„ врие, плати нема, а вработените губат нерви

Работниците во штипската фабрика „Баргала“ работат под притисок и постојан мобинг. Фабриката подобро да се затвори, отколку работниците да трпат ваква голгота – алармираше денеска невладиното Здружение гласен текстилец откако вработените и ова утро во дворот на фабриката го искажаа своето незадоволство поради тоа што им доцнат платите, но и се пониски од загарантираниот минималец. Револтираните работници обвинија дека платите им доцнат со месеци, немаат здравствено осигурување иако работниот процес и во време на пандемија се одвивал нормално. Од раководството побараа платите за изминатите месеци да се изедначат со минималецот.

„Навистина не можеме да работиме, 10.000 плата плата за три месеци, ние не знаеме како да постапиме“ – вели Валентина Мркиќ, работничка во „Баргала“.

„Тешко, многу тешко овие месеци, наместо минимална плата земаме 10.000 денари“ – вели Силвана Нишева, работничка во „Баргала“.

Здружението гласен текстилец денеска до Трудовиот Инспектор достави преставка со потписи од вработените кои бараат надлежните да ја утврдат состојбата во фабриката.

Фирмата има земено државна помош, бараме интервенција од врвот на државата бидејќи овие работници секој месец се мачат со платите, што си ги заработиле чесно“ – вели Кристина Ампева од здружението „Гласен текстилец“.

Раководството на фабриката најави прес-конференција на која јавноста ќе биде запозната со моменталната состојба. Инаку состојбата во фабриката „Баргала“ денеска ја коментираа и штипските опозиционери кои прашаа дали Власта сака да ја сокрие ситуацијата, само затоа што е фамилијарна фирма на пратеникот од СДСМ Сашко Николов.