Сите реагираат, само македонското МНР молчи за бугарската такса за руски гас

Сите реагираат, само македонското МНР молчи за бугарската такса за руски гас

Министерството за надворешни работи продолжува да ги игнорира провокациите од Бугарија Речиси секогаш кога нашиот источен сосед, ќе покаже непочитување на Договорот за добрососедство, МНР молчи. Со денови нема никаква реакција од министерството на Османи за воведувањето на таксата за рускиот газ што транзитира низ бугарска териоторија. Согласно пријателскиот договор, Бугарија треба да ја поддржува Македонија како земја аспирант за ЕУ, но со воведувањето на нови давачки, , ни зададе дополнителен финансиски товар. И не само нам, туку и на другите земји од регионот и пошироко во Источна Европа што преку цевката низ Бугарија се снабдуваат со гас. Потегот на бугарските власти не е спротивен само на Договорот за соработка потпишан со Македонија, туку и други билатерални договори кои предвидуваат, земјите кандидати да бидат помагани од членките на ЕУ на патот кон Унијата. И додека властите кај нас се однесуваат како ништо да не се случува, Србија и Унгарија експресно реагираа. Децидни се дека оданочувањето на Бугарија „драматично“ ќе ја зголеми цената на гасот што се доставува до овие земји. Тие најавија дека ќе бараат заеднички одговор од Бугарија и од Европската унија (ЕУ).

Верувам дека ќе успееме да решиме се со нашите бугарски соседи и пријатели. Едноставно има договори кои се јасни и недвосмислени – реагираше во петокот, претседателот на Србија, Вучиќ.

Реагираа и од кабинетот на министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.

Бугарската одлука за наметнатата такса за транзит на природен гас од Русија е непријателски чекор кон Унгарија и Србија. Таа е против европската солидарност, бидејќи ја загрозува енергетската безбедност на земја членка на ЕУ и земја кандидат. Европската унија не применува санкции за испораките на природен гас од Русија, па аргументот на бугарскиот премиер во овој поглед е целосно неточен – стои во реакцијата.

За поранешниот амбасадор Ристо Никовски не е за изненадување што МНР молчи и на ова. Тоа е само уште еден доказ, дека Македонија е спремна да ги трпи сите бугарски навреди.

Ние сме поголеми католици од папата, и премолчуваме. Таквата политика кон Бугарија никогаш нема да им донесе ќар. Секој е должен да се бори за своите интереси. Во прашање е нов бугарски исчекор кој е против интересите на многу држави, и спротивен на меѓународните договори. И во договорот и во протоколите се зборува за енергетска соработка, се што прави Бугарија е спротивно на тоа што е договорено. Нов доказ дека Македонија е спремна да ги трпи сите бугарски навреди се она што е надвор од договорот и од нормалната меѓународна пракса, а МНР води една политика која воопшто не кореспондира на македонските национални интереси – вели Никовски.

Голем дел од експертите веќе реагираа дека новата такса ќе се одрази на цената која ќе ја плаќа крајниот потрошувач и ја сметаат за голема уцена на бугарската политика врз земјава.

Oва не е прв пат Бугарија да го прекршува Договорот за добрососедство. Претходно ветото, а сега уцените за уставни измени, се спротивни на членот 2 од Договорот, во кој стои дека Софија ќе ни помага на европскиот пат, нема да ни одмага. Насроти ова, Македонија исполни се од овој Договор и се уште е далеку од ЕУ.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста