Системот раѓа корупија во Македонија
Неказнивоста на корупцијата и неспособноста на обвинителството – се системски проблем за кој треба итно да се најде решение, коментираат дел од поранешните антикорупционери откако ОЛАФ нотираше злоупотреба на пари од европски фондови во земјава. Поранешниот антикорупционер Восилав Зафировски не е изненаден што европската служба против измами отворила 18 истраги за измами во Македонија, бидејќи како што вели кај нас системот раѓа корупција.
За неказивоста на корупцијата сведочи судскиот процес против поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми, Лидија Димова кој и по три години е на самиот почеток. Таа е обвинета за злоупотреба на 320 илјади евра. Ова како што вели Зафировски е само еден пример за неказнивоста на корупцијата во Македонија.
Евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека ако истрагите на ОЛАФ резултираат со сомнеж за криминални активности, ќе бидат проследени до Јавното Обвинителство и во тој случај очекува да бидат преземени навремени активности. Предупреди дека сите активности Брисел ќе ги следи одблиску.
Канцеларијата за измами отворила 36 истраги за земјите од Западен Балкан во последниве 5 години, од нив 18 се за Македонија. Од започнатите истраги Олаф веќе доставила седум препораки до европските институции и македонските власти. Европската заедница очекува надлежните во Македонија да извршат проверки за евентуални злоупотреби на пари од касата на Европската унија.
Паула Костадиноска