Сиромашните бараат „милост“ од пратениците

Без покрив над глава, гладни, стуткани на некоја од пешачките зони, со валкана облека и картонска кутија пред себе, чекаат сограѓани да им се смилуваат и да им дадат некое денарче за да купат лебче.

Вака, во апсолутна сиромаштија, живеат стотици луѓе низ државава, а повеќе од 25.000 луѓе спаѓаат во социјално ранливата категорија на граѓани.

Надеж за подобрување на нивната состојба се новите законски решенија за социјална заштита, што веќе неколку месеци се закочени во собраниските процедури. Тие вклучуваат загарантиран минимален приход, како и олеснување на достапот до детски и образовен додаток.

Граѓански здриженија против сиромаштијата бараат пратениците да ги изгласаат пакетот реформи за социјална заштита, и да се ослободат од политичките стеги, а вината за закочената процедура ја бараат кај собранискиот претседател Талат Џафери и координаторот од ДУИ Ејуп Аљими.

Пакетот закони за социјална заштита на владина седница помина уште лани, а веќе четири месеци е блокиран во Парламентот. Главната причина се несогласувањата помеѓу коалиционите партнери СДСМ и ДУИ во однос на детскиот додаток, кој се укинува. Наместо него се воведува еднократна помош за прво, второ и трето дете.

Сања Трајковска Ставров