Сириски цивили во конвој го напуштија последното упориште на ИД

Конвој возила, кои превезуваат раселени мажи, жени и деца, денеска го напуштија последното упориште на територијата во источна Сирија под контрола на радикалната група Исламска држава (ИД).

Најмалку 36 камиони и два автобуса поминаа низ хуманитарниот коридор од последното упориште на територијата под кон на џихадистите во местото Багуз, во близина на ирачката граница.

Конвојот беше придружуван од камиони на кои беа поставени топови, што им припаѓаат на бунтовничките Сириските демократски сили (СДФ), кои ја имаат поддршката од САД.

Додека минувал конвојот, се слушале истрели од митралези, а коалициските авиони го надлетувале тоа подрачје.

Околу 300 џихадисти и стотици цивили, за кои се претпоставува дека се членови на нивните семејства, беа под опсада подолго од една недела во шаторска населба во Багуз. СДФ, кои ја опколија таа територија, не беа во состојба да го изведат конечниот напад на енклавата поради присуството на цивили.

Портпаролот на СДФ, Мустафа Бали изјави дека во текот на денот се изведени воздушни напади и дека имало повремени судири со милитантите, кои имаат за цел да ги принудат да дозволат заминување и на последните цивили.

Во последните неколку недели, речиси 20.000 луѓе заминаа од Багуз преку хуманитарен коридор, напуштајќи го пеш последното упориште на Исламска држава, но оттогаш милитантите го затворија коридорот и ниту еден цивил не ја напушти територијата една недела, се до средата, кога беше евакуирана голема група луѓе.

Бали рече дека е можно голем број цивили се уште на се наоѓаат на територијата под контола на ИД, сместени во пештери и тунели, како и во околните куќи и згради.