});

Синот на сопственикот на Лестер соопшти што ќе биде со клубот откако неговиот татко загина

Синот на загинатиот сопственик на Лестер, Вичај Сривадханапрабха – Ајават, даде изјава на клупскиот сајт, во која увери дека ќе продолжи со делото на својот татко.

–Би сакал да се заблагодарам на сите од сето срце за огромната поддршка. Она што се случи ме натера да сфатам колку важен беше татко ми за толку многу луѓе од целиот свет. Трогнат сум од тоа дека тој има важно место во срцата на толку луѓе. Многу сум горд што имам таков исклучителен татко. Од него ми беше оставена оваа многу важна мисија, да го продолжам неговото дело и планирам да го направам токму тоа. Знам дека ќе ја добијам потребната поддршка за тоа, изјави тој.

Ајават се заблагодари за поддршката и додаде дека одамна неговиот татко го научил да биде силен и да внимава на своето семејство.

–Тој го сакаше своето семејство. Тој го претвори Лестер Сити во семејство. И ништо не би го натерало да се гордее повеќе од тоа отколку да види како членовите на ова семејство, што тој ги изгради, се поддржуваат меѓусебно во овој тажен период. Тој ме напушти, оставајќи завет да продолжам. Ќе направам сé што можам, за да ги одржам живи неговите големи соништа, изјави Ајават Сривадханапрабха, кој досега беше потпретседател на Лестер.