Синодот на МПЦ одлучи да ја прифати поканата за сослужување со Српската Православна Црква ; Патријарх Порфириј: Браќата од Македонија се вратија во единство и тоа го гледаме како чудо

Македонската православна црква – Охридска Архиепископија не се откажува ниту од автокефалноста ниту од името. Светиот Синод се надева дека веќе до крајот на месецов Српската православна црква на Вселенската Патријаршија ќе и предложи конечно и канонско решавање на статусот на  МПЦ-ОА.

„Црква за која се бара да биде предложена за автокефален статус треба да исполнува 9 или 10 точки. Ние очекуваме за нас, тоа да го направи матичната црква од која се одделуваме, во конкретниот случај СПЦ. Таа да предложи до Вселенската патријаршија доделување автокефален статус , што треба да го одобрат сите православни цркви, а потоа Вселенскиот патријарх да издаде Томос кој треба да биде потпишан од него и од епископот на СПЦ, изјави владиката Тимотеј.

Високи црковни извори уште вчера за Алфа открија дека МПЦ-ОА и СПЦ веќе се имаат договорено за доделување автокефалност, а автономијата е само преодна фаза, како што налагаат канонските правила. Ова денеска индиректно го потврди и владиката Тимотеј.

„Тоа што се прифати предлогот од СПЦ, за автономија како од 1959 година, не е враќање назад, туку е чекор напред и логичен след на работите што треба да не одведат до моментот за утврдување на автокефалниот статус“ изјави владиката Тимотеј.

Српскиот Патријарх Порфириј кој оставари средба со српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека враќањето, како што вели, Браќата од Македонија го гледа како чудо. Сепак, не прецизира кои се следните чекори за конечно регулирање на доносите помеѓу МПЦ-ОА И СПЦ.

– Ние како СПЦ имавме 50 години раскол со браќата од Македонија, со браќата за кои можеме да кажеме дека ни се најблиски. Да се вратат браќата од Македонија во единство со нас, па и со сите други православни цркви, ние на тоа гледаме како големо чудо изјави патријархот Порфириј.

Светиот Синод на МПЦ-ОА на денешната седница одлучил да ја прифати поканата за заедничко сослужување со СПЦ кое е најавено за утре во храмот Свети Сава во Белград на кое заедно ќе богослужат архиепископот охридски и македонски Стефан и срспкиот патријарх Порфириј.

МПЦ-ОА испратила и писмо до Вселенскиот патријарх Вартоломеј во кое му се заблагодарила за чинот на признавањето на ерархијата и канонскиот статус и за поканата на верскиот празник Педесетница, на 5-ти јуни, да биде одржана заедничка литургија во Цариград.

Инаку, српската премиерката Ана Брнабиќ и македонскиот премиер Димитар Ковечевски на денешната средба не сакаа да ги коментираат односите помеѓу двете цркви, но го поздравија обидот да се решат прашањата помеѓу МПЦ-ОА и СПЦ.

Викторија Миткова