Синдикат: нема да дозволиме да се делат откази во администрацијата

Синдикатот затечен од најавата на Владата дека ќе отпушта луѓе од администрацијата за да вработи нови. Велат и премиерот и ресорниот министер првично им ветиле дека ниту еден службеник нема да биде избркан од работа. Бараат синдикатот на управата постојано да биде вклучен во дебатите околу реформите на администрацијата и велат дека ќе се залагаат сите членови на синдикатот да ги задржат своите работни места.

„Како Синдикат во однос на натамошната постапка околу вишокот работници ќе се залагаме исклучиво членовите на Синдикатот да ги зачуваат своите рабтни места. Со сите законски решенија кои ќе се нудат се залагаме за подобри права на административните службеници, дури и за оние кои не се членови би требало да се заложиме за социјална сигурност или задржување на работното место ако не во таа институција во некоја соодветна“ – вели Грујовски.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ не одговори директно дали администрација е преобемна, вели тоа треба да го соопштат надлежните. Смета дека на некои позиции дури има премалку службеници, а премногу работа. Досега синдикатот нема информации дали некој административец би сакал да се префрли да работи во приватниот сектор.

„Секојдневно нашите членови ни укажуваат дека 4 шалтери опслужуваат 2.000 граѓани и затоа цело време се зборува дека администрацијата е неефикасна. Можеби има вишок, но тоа треба да го кажат надлежните“ – вели Пеце Грујовски од Синдикатот на УПОЗ.

„Ќе дадеме поголема плата, но и ќе бараме многу повеќе работа. Администрацијата мора да стане ефикасна служба на граѓаните и се додека граѓаните не го сменат мислењето за администрацијата имаме проблем. За оној кој не работи нема потреба да зборуваме за реформа.Тој што не работи едноставно нема што да бара“ – вели Дамјан Манчевски, министер за администрација и информатичко општество.

Некаде ќе се крати, а некаде ќе се отвораат нови работни места. Министерот Манчевски најави дека ќе се вработуваат нови инспектори, а дека на постојните се планира да им се зголеми платата за да бидат помалку корумпирани. Зголемувањето на платите требало да биде најголемо кај оние кои најмногу биле подложни на ризик во работата. Анализата покажала дека 20% од сите инспектори во земјава ќе се пензионираат до 2021 година.

Тања Попова