Синдикат на културата: Работниците не можат да дојдат на ред од неработници со партиски книшки

Партиски кадри на голема врата ги преплавуваат сите културни установи во земјава, остро реагираат работниците од овој сектор. Велат дека крајно време било власта да стави крај, за како што велат, нечовечкиот однос кон нив. Наместо да има унапредување, има тапкање в место и уназадување, зашто партиските книшки си го направиле своето, велат културните работници, кои додаваат дека трудот воопшто не се ценел.

– Магистар и доктор на науки не го достигнува државниот просек за плата и тоа е срамно за држава што претендира да биде во ЕУ. Партиските вработувања се уште постојат и тоа не иритира. Трудот воопшто не се цени. Работниците не може да дојдат на ред од неработниците со партиски книшки. Во некои институции со години нема унапредување зашто не е свртен партиски телефон. Имаше ветување за промени во правниот систем, но јас нив не ги гледам, рече Адије Дестановиќ, вработена во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, која се пожали и дека институциите од културата под надлежност на Град Скопје платите со години ги добиваат по законскиот рок, 15-ти во месецот.

Културата и натаму е на дното во државните приоритети, велат од Синдикатот на културата, кој е незадоволен од бавното решавање на наталожените проблеми.

Работниците велат дека се уште чекаат на исполнување на ветувањата за валоризација на стручните звања и за нов колективен договор за да излезат од хаосот во однос на начинот на пресметка на платите и големите разлики во нивниот износ.

Ако власта ништо не преземе околу, како што велат, понижувачките плати, од Синдикатот на културата најавуваат преземање поголеми чекори и излегување на улица.

Претседателката на СКРМ Сања Арсовска на прес-конференција денеска рече дека се уште чекаат на исполнување на ветувањата за валоризација на стручните звања и за нов колективен договор за да излезат од, како што рече, хаосот во однос на начинот на пресметка на платите и големите разлики во нивниот износ.

– Но доколку продолжи ваквиот третман и немаме потпишан колективен договор, сериозно ќе преземеме поголеми чекори. Ние се занимаваме со јавна професија и многу лесно може да ги блокираме нашите институции и тоа да биде видливо, рече претседателката на СКРМ.

Иако Министерството за култура покажало сериозен интерес за решавање на нивните проблеми и донесување нов колективен договор, сето тоа полека се занемарило, се жалат работниците, па така, велат, нивниот труд паѓал во вода.

Борис Грујоски