Синдикат на клинички: Со новиот закон за лекарска дејност ќе се зголеми одливот на бели мантили

Синдикатот на Клинички контра здравствените власти. Се предлагаат закони што ќе го зголемат одливот на бели мантили од земјава, реагираат од синдикатот, во врска со нацрт-законот за лекарска дејност, што за нив не е прифатлив. Со него не се унапредуваат правата на лекарите, ниту пак е утврдена минималната основна плата за докторите на медицина во јавното здравство, сметаат од ССКЦ.

-Одливот ќе продолжи со поголем интензитет. Докторите нема да гледаат причина да останат во нашата држава која не ги вреднува соодветно, не го вреднува нивниот труд и диплома, надградбата и стресот и одговорноста при работата што ја вршат. Високоразвиените земји тоа го дефинирале, и јасен е статусот на докторот на медицина во тие земји. Не знам зошто ние не го дефинираме, вели во изјава за Алфа претседателот на Синдикатот на Клинички, Горан Беговиќ.

Од синдикатот велат дека силно ќе застанат во одбрана на својата професија, и оти дека нема да учествуваат во јавна и собраниска расправа за негово усвојување. Предлагаат изготвување на нов нацрт-Закон за докторска дејност која ќе го потврди и дефинира нивниот статус.

-Нема да отстапиме од нашите основни принципи, ќе ги застапуваме барањара на нашите членови и решавање на проблемите со кои се соочуваат. Дали министерството за здравство ќе не повика да разговараме за нов закон, не овој, каков што е во моментов, или пак за јавното-приватно партнерство и ваквите планови, оставаме на нив. Но, ваков однос кон Синдикат што ја застапува најмоќната здравствена установа, од страна на еден ресорен министер, е недозволиво, вели Беговиќ.

Од Синдикатот додаваат дека воопшто не биле консултирани од Лакарската комора кога го изготвила нацртот, ниту пак од Министерството за здравство, кое пак, е предлагач на законот.

Сања Трајковска Ставров