Синдикатот бара закон за доктори на медицина со кој ќе се дефинира минималната плата

Синдикатот на Клинички центар контра здравствените власти за законското решение за лекарска дејност. Предлогот не е добар, децидни се од Синдикатот. Тие бараат да ваквото правно решение да не биде доставено до пратениците, туку да се подготви целосно нов закон во кој ќе биде вклучена и ставката за утврдување на платата на докторите минимална – од 1000, а за субспецијалистите 1600 евра. Дополнително, според синдикалнците со законот треба да се направи конкуретна дополнителната работа во јавното споредено со приватното здравство, сакаат бенефициран стаж, и да остане звањето доктор, кое со моменталниот предлог закон е променето во лекар на медицина.

-Она што беше основа на законот -да донесе суштинска промена. Според Синдикатот на Клинички центар, а верувам и на сите доктори на медицина, суштинска промена би била одредување на минимална плата, основна плата, дефинирана во закон, така би имале почетна основа во преговорите за платите во колективните договори, вели во изјава за Алфа Претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Горан Беговиќ.

Од Министството за здравство пак, велат дека и Синдикатот, може да даде забелешки на предлог-текстот, без да споменат дека истите би биле вклучени во конечната верзија на законот.

За нацрт текстот за Законот за лекарска дејност, кој е поставен на ЕНЕР – Единствен национален електронски регистар на прописи, лекарската фела, невладиниот сектор и граѓаните може да достават свои забелeшки на текстот. Со овој закон се прецизира и утврдува статусот на лекарите и лекарската професија, како и стручниот надзор на работата на лекарот, чување и унапредување на достоинственото и одговорно професионално однесување во работата, се наведува во соопштението на министерството.

Од Синдикатот за Алфа велат дека нема фајде од давање забелешки, кога е исфрлено најважното нешто – примањата. Оттаму додаваат дека нема да учествуваат во јавна и собраниска расправа за усвојување на ваквото решение.

Од Лекарската комора кои се одзваа на претходно упатените критики кон нив од страна на синдикатот, посочија дека дале забелешки за коефициентите за платите. Тие очекуваат ова да биде вметнато во законот за докторска дејност, но не побараа изготвување на нов текст.

Лекарите повеќе од една деценија чекаат законско решение што ќе ги дефинира нивните права и обврски, но и соодветно вреднување на трудот.

Сања Трајковска Ставров