Синдикатите подготвени за протест ако Владата ги скрати работничките плати
Синдикатите нема да дозволат кратење на основните плати, додатоци и надоместоци во јавниот сектор. Ако тоа се случи , ќе излезат на протест. Во услови на висока инфлација, Владата досега требала да им ги зголеми платите, а не да удри врз и онака ниските примања. Синдикатите бараат од Владата, ако веќе треба од некаде да се скрати, премиерот и министрите да почнат од своите плати. Сепак, Ковачевски уште вчера кажа дека такво нешто не е предвидено со мерките, но ако некој сака, може платата да ја донира.
Според синдикатите, овој потег на власта значел незнаење и игнорантски однос кон тоа колку сиромашно живеат работниците при енормен раст на трошоците за живот од 18,7%.
За мерката 30% од административците со ротации да седат дома, Ристески вели дека ќе се повтори случајот од пандемијата кога најголем број од службениците не работеа. Вели работата ќе стагнира, населението и бизнисите со големо задоцнување ќе ги завршуваат администативните процедури. Едноставно државниот апарат ќе забави со работа, а непродуктивноста значително ќе се зголеми.
Надлежните со контрадикторни изјави. Битиќи рече дека мора од некаде да се скрати, а премиерот дека ќе нема кратење, освен оние најавени 10% на надпросечните плати во фирмите загубари. Во Планот з аштедење на Владата се предвидува кратење на расходите за плати и надоместоци за следната година за 10% или за речиси 50 милиони евра.
Синдикатите се револтирани и затоа што министерството за труд повторно бара да ги приложат барањата за помош на работниците и покрај тоа што се веќе добро познати. Тие бараат раст на платите согласно зголемувањето на минималната плата, што е целосна спротивност со Планот за штедење на Владата. Бараат и да се поделат ваучери за пазарење и плаќање сметки за струја, како и замрзнување на извршувањето во кризниот период.
Тања Попова