Симпсонови ја повлекоа епизодата со Мајкл Џексон после филмот „Leaving Neverland“

Авторите на анимираниот сатиричен серијал Симпсонови (the Simpsons) соопштија дека епизода од 1991 година во која гласот го позајмува Мајкл Џексон е тргната од етерот после новиот бран обвинувања за сексуално злоставување против кралот на поп-музиката.

„Stark Raving Dad“ е насловот на епизодата која е повлечена од циркулација, за продуцентот на Симпсонови Џејмс Л. Брукс вели дека ова јасно е единствениот избор кој можел да биде направен, пренесува Волстрит Журнал.

Повлекувањето на оваа епизода доаѓа после премиерата на „Leaving Neverland“, документарец кој содржи експлицитни сведоштва од Џејмс Сејфчак и Вејд Робсон кои обвинуваат дека биле злоупотребени од Џексон кога биле деца.

„Момците со кои работам и со кои цел живот се расправаме за шеги, немаа дилема за ова“, вели Брукс.

„Јасно ни е дека ова е единствениот избор кој може да биде направен. Документарецот нуди докази за монструозно однесување. Јас сум против „палење книги“ од секаков тип. Но ова е нашата книга и дозволено ни е да отстраниме едно поглавје“, додава продуцентот.

Во отстранетата епизода, Џексон се појавува како Лион Комповски, пациент во психијатриска болница кој дели соба со Хомер Симпсон. Комповски се обидува да го убеди Хомер дека е Мајкл Џексон, за што му ја пее Били Џин и му го покажува легендарниот „мунвок“ потег.

Брукс додава: „Многу си ја ценевме епизодата. Имаме многу убави спомени во врска со неа, но ни тоа не ни дозволува да ја оставиме во етер“.

СЕГМЕНТ ОД ПОВЛЕЧЕНАТА ЕПИЗОДА КОЈ СЕ УШТЕ МОЖЕ ДА СЕ ГЛЕДА НА ЈУТЈУБ

Одлуката на Симпсонови доаѓа неколку дена откако радио станици низ целиот свет најавија дека ќе ја бојкотираат музиката на Мајкл Џексон поради обвинувањата искажани во документарецот „Leaving Neverland“. Во меѓувреме, режисерот на филмот Ден Рид најави дека размислува за продолжение во кое ќе прикаже „сведоштва на други жртви на Џексон“.