Силјановска во „Отворено на Алфа“: Младите не препознаваат живот во Македонија

Младите не препознаваат живот во Македонија затоа си заминуваат, изјави кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова во гостување во „Отворено студио“ на Алфа ТВ.

-Живот не е само да дишете чист воздух, сами и невработени да имате пристоен живот, што кај нас го нема. Најголем дел од младите заминуваат поради целосна партизација и политизација во општеството и ги гледаат своите пријатели што биле просечни и под просекот на високи позиции. Најдобрите не се на вистинското место. А ова важи и за нас, бидејќи и преку нас, луѓето гледаат и тука, а и надвор од Македонија, дали вредните, чесните и посветените се поставуваат на вистинските позиции. Ако вистинските се најдат на вистинското место и ако претседателот ги постави најдобрите на такви места ќе се прати вистинската порака, вели Силјановска Давкова.

Таа додава дека е натпартиски кандидат и вели „претседателските избори мора да бидат фер и демократски“.

-Претходно сум критикувала и сум давала свое видувања на одредени проблематики без разлика кој и да ги носел. Сум критикувала постапки без разлика на која политичка партија функционерите им припаѓаат. По толку години независност би било срамота да немаме фер и демократски избори. Масовната излезност на изборите е единствена гаранција за тоа, вели Силјановска Давкова.