});

Сивата економија го уништува легалниот бизнис

Сивата економија останува сериозен проблем за легалниот бизнис. Стопанството бара засилени контроли и инспекции и сузбивање на нелојалната конкуренција која го урива пазарот бидејќи не плаќа никакви давачки.

– Ни пропаѓаат бизнисите. Инспекцијата многу малку работи на решавање на овој проблем, не дека не сака, туку дека нема кадар, многу малку инспектори има, а и тие што ги има, не можат да постигнат секаде. Ние, лиценцираните, месечно плаќаме по 6.000 до 7.000 денари месечно за да членуваме во здружението, рече Славе Велјановски, кој долги години се занимава со автомеханичарство.

Дивите работници им го земаат лебот на оние кои легално работат, се жалат регистрираните занаетчии.

– Се повеќе никнуваат нелегални бизниси, а државата е немоќна да делува во нивно отстранување. Власта мора час поскоро да се справи со оние кои работат на црно, и да направи стратегија младите да се насочат кон стручно училиште и да останат во Македонија, се пожали Претседателот на Занаетчиската комора Никола Петров, кој вели дека занаетчиството тоне од ден во ден.

Инспекторите велат дека се постојано на терен, дека казните се движат од 250 евра па нагоре, но проблем бил недостатокот на кадар. Во наредната година од вкупно 20 пазарни инспектори половина треба да заминат во пензија.

Според процените на сивата економија отпаѓа дури една третина од вкупните бизнис активности во земјава. Стопанствениците веќе предупредија дека таа дополнително ќе се поттикне со даночната реформа која стартува од први јануари 2019 година.

Борис Грујоски