СЗО: Македонците најмногу умираат од лош живот

Македонија меѓу земјите каде се пушат најмногу цигари, се води нездрав начин на живот, се јаде нездрава храна, алармираат од СЗО. Дури три четвртини од смртните случаи до 2019 година се предизвикани од ваквиот начин на живот. 

Тутунот и нездравата исхрана се главни фактори на ризик за смртност во Македонија. Нездравиот начин на живот е двигател на смртност, а високиот процент на пушачи, лица со висок шеќер во крвта и зголемената потрошувачка на шеќер, сол и масти се проценува дека сочинуваат речиси три четвртини од смртните случаи до 2019 година – стои во соопштението на СЗО.

Најновите податоци за смртност покажуваат дека кардиоваскуларните, мозочни удари и карциноми се водечки причини за смртност кај возрасните. Во периодот од 2000 до 2017 година забележано е и зголемување на смртноста поради дијабетес, специфични видови на рак, особено на белите дробови, панкреас и рак на простатата како и Алцхајмерова болест.

Поради нездравата исхрана 64,9 проценти од мажите и 51,2 отсто биле со прекумерна тежина во 2016 година. Ова се должи и на тоа што половина од возрасната популација не е физички активна.

Прекумерната тежина се забележува и меѓу седумгодишните деца, особено кај девојчињата. Висока е стапката и на респираторни заболувања бидејки Македонија има едно од највисоките нивоа на загаденост на воздухот во Европа.

Во делот „Подобрување на здравјето на населението“ се посочува дека очекуваниот животен век во Македонија се зголемува, но останува под просек од Европскиот регион на СЗО.

Најновите податоци за смртност пријавени од Северна Македонија до СЗО се однесуваат на 2013. Според овие податоци, просечниот животен век изнесувал 75,5 години. Иако ова беше под просеците за Југоисточна Европа и Европскиот регион на СЗО, беше повисок од повеќе ажурирани бројки за очекуваниот животен век за некои членки на ЕУ – стои во соопштението на СЗО.

Освен тоа Македонија беше посилно погодена од пандемијата со ковид од многу други земји, особено за време на вториот и третиот бран, со високи стапки на прекумерна смртност. Овие извештаи од СЗО беа претставени на 72-та седница на Регионалниот комитет на СЗО за Европа во Тел Авив, Израел на 12 септември годинава.

Бојана Златкова