Мерко се јави, навистина се јави: Ќе соработувал со истражните органи – Обвинителството и Судски совет со комисии ќе проверуваат дали врз некој имало влијание

Пет дена не пушти глас откако ја збогати американската црна листа, ама напиша фејсбук статус веднаш по објавата на  обвинителството дека ќе почна да ги чешла затворените предмети против него. Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко со фотографии на кои е прикажан во друштво на американската амбасадорка Агелер, порача, дека ќе соработувал со истражните органи.

  • „Секогаш ја поздравувам и ја поддржувам континуираната американска поддршка за нашата земја и граѓаните на Струга. По неодамнешниот развој на настаните во врска со одлуката на Стејт департментот на САД, не сакав да комуницирам во корист на процесите, ќе бидам отворен како и секогаш во корист на правдата и секој процес во правосудните органи од страна на институцијата на општина Струга и на мојот дел ќе биде доставен навремено бидејќи секој пат сум бил транспарентен до судските органи и до сите други институции. За ова, за доброто на процесот, решив да ја замрзнам секоја активност во партиските структури до затворање на процесите важни за сите“, вели во објавата Мерко.

Струшкиот градоначалник го објави Фејсбук статусот, по нецели два часа откако истражните органи испратија 4-ца обвинители да ги тресат предметите кои се воделе против него и за нив немало судска разрешница.

  • „Четиричлена комисија од јавни обвинители од Јавното обвинителство на РСМ денеска врши надзор на постапувањето во предметите во ОЈО Струга и ВЈО Битола. По целосните проверки на постапувањето, Комисијата ќе изготви извештај“, соопштија од ЈО.

Обвинителите со полни раце работа да откријат дали и кој ги заташкувал предметите за струшкиот градоначалник. Но, тоа дефитивно не е Судскиот совет, од каде велат – дека се неосновани и неаргументирани тврдењата на Антикорупциска дека непостапувале по предметот за Мерко. И таму формирале комисија која ќе преиспитува работата на судиите во струшкиот суд во предмети за актуелниот градоначалник.

  • Судскиот совет  категорично одбива да биде неправедно етикетиран и вбројуван во институции, кои наводно свесно помагале во забошотување на предмети поврзани со струшкиот градоначалник, а уште помалку дека во позадина се некакви политички влијанија. Напротив, уште истиот ден кога беше објавена веста за ставањето на Рамиз Мерко на „црната листа на САД“, Судскиот совет одлучи да ги провери сите наводи искажани од Стејт департментот  и американскиот амбасадор во Македонија за наводни влијанија врз струшките судии од страна на градоначалникот. Сакаме да ве информираме дека во текот на утрешниот ден, тричлена комисија предводена од кооординаторот за струшкиот суд, м-р Миљазим Мустафа ќе го посети струшкиот суд и ќе разговара со судиите од овој суд за да провери дали имало притисоци, по што во најскоро време ќе биде изготвен извештај“ велат од Судскиот совет.

Алармот во македонското правосудство за Рамиз Мерко го вклучи Стејт Департментот откако го смести на црната листа. Префрлањето на вина не изостана ниту во овој случај, па прашањето сега е, ќе го видат ли македонските истражни органи тоа што го виде и американската амбасада.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста