Се чествуваат Св. Кирил и Методиј – македонска и бугарска делегација по втор пат заедно во Рим

Македонија по 52-ти пат со поклонение пред вечното почивалиште во Рим му оддаде почит на светителот свети Кирил. Пред гробот во базиликата „Сан Клементе“ во Ватикан каде и оваа година се оддржува централниот настан архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан со членови на Синодот и државната делегација предводена од собранискиот спикер Талат Џафери учествуваа на традиционалниот Молебен. Да го почитуваме капиталното дело на сесловенските просветители кое е придонес во светската култура, порача Џафери во честитката за 24мај денот на словенските просветители.

– Нивната работа е капитално дело во развојот на словенската култура и описменувањето, тие го дале дарот на зборот и писмото и тоа ги прави повеќе од достојни за прослава на нивното име и дело. Нивниот придонес е и придонес во светската култура. Како претседател на Собранието, горд сум што во Законодавниот дом имаме голема почит кон различните култури и религии, уверени дека тие се само дополнителна вредност во ова општество. Да продолжиме заедно на овој пат, негувајќи го ова богатството. Дозволете уште еднаш да Ви го честитам празникот – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и да посакам и патот на нашата земја да биде светол како што е и нивното дело, стои во честитката.

Македонската делегација беше и на аудиенција кај Светиот отец на Римокатоличката црква во Ватикан, по што претседателот на Собранието Џафери оствари средба со Папата Франциск, а потоа и со државниот секретар на Светата столица, кардиналот Пјетро Паролин.

И оваа година македонските преставници заедно со бугарската делегација заеднички ја продолжуваат агендата за чествување на делото на светите браќа. Според програмата, ќе положат цвеќе пред плочата на Република Северна Македонија во чест на св. Кирил во Базиликата Санта Марија Маџоре, потоа ќе учествуваат на миса во црквата „Св. Павел ала Регола“, а во вечерните часови ќе проследат уметничка програма на која ќе настапат музичките уметници Весна Гиновска Илкова и Дино Имери.

Поклонението на гробот првпат е организирано во 1969 година. Оттогаш секој 24 Мај се одбележува со највисоки почести. Годинава се одбележуваат 1150 години од смртта на сесловенскиот просветител свети Кирил.

Ивана Соколовиќ Најдова