Се чека лабораториска потврда дали има прв случај на мајмунски сипаници во Македонија

Пациентот за кој постои сомнеж дека е заразен со мајмунски сипаници не пристигнал на Клиниката за инфективни болести и е се уште е во Кичево. Од Министерството за здравство информираат дека е дадена препорака за негово тестирање и дека се организира епидемиолошки тим кој ќе спроведе епидемилиошка анкета.

„До овој момент не е доставен материјал за тестирање во Институтот за јавно здравје и во државата нема потврден случај со мајмунски сипаници“ се наведува, меѓу другото, во соопштението од Министерството за здравство.

Сепак, од Министерството нема одговор зошто човекот не е хоспитализиран и префрлен на Инфекивната клиника до добивање на резултатот од тестот.

Според неофицијалните информации епидемиолог од Центарот за јавно здрваје Битола ќе го посети кичевчанецот кој треба да земе материјал за лабораториски испитувањa за да се потврди дали се работи за мајмунски сипаници.

Од Центарот за јавно здравја за Алфа потврдија дека лабораториските испитувања ќе бидат извршени во Институтот за јавно здравје зашто само таму има услови за тоа.

Инаку, како што синоќа прва објави Алфа, на Клиниката за инфективни болести биле направени сите подготовки за прием на првиот пациент сомнителен на мајмунски сипаници. На вториот кат бил спремен посебен оддел за изолација, а била донесена и соодветна опрема.

Директорката на Инфективната клиника само кратко ни изјави дека во последните 24 часа не бил прегледен ниту примен пациент сомнителен за мајмунски сипаници.