Се урна кровот на Домот на културата во с. Бистрица

Дваесет години препуштен на забот на времето, Домот на културата во битолското село Бистрица после налетот на првиот снег, пред неколку дена попушти и се сруши кровот. За среќа, повредени нема, иако е составен дел во комплексот на основното училиште “Крсте Петков Мисирков“. Денеска реагираа бистричани, лути на претходната и на оваа власт што се дозволило овој објект вака да пропаѓа и да претставува опасност за учениците.

– Сега, откако падна снегот после тоа отежна и пред два три дена падна чатијата. Децата беа на школо и среќа голема е што беа на час и не беа надвор. Срамота во едно вакво школо убаво изградено, оваа грдосија да биде овде – рече Герман Стојчев.
– Ете сега падна, а инаку беше најубава сала во Битолска општина- рече Јонче Стојчевски.
– Има една година, заверено е писмо и во Општина во архивата и во штабот на СДСМ, за проблемите во селото, за Домот на културата, спотртското бифе кој го турна кривично да одговара и водоводот – рече Драги Талевски.

Домот е во надлежност на Министерството за образование, а директорот во неколку наврати побарал да се интервенира. Сега, иако со задоцнување, ќе добие поддршка од Општината за негова санација.

– Во понеделник имаме договорено екипа со помош на ЈП “Комуналец“ да го санира кровот и остатоците за да биде безбедно местото и спрема временските услови ќе почне да се санира целиот дом во дослух со Министерството и Општината – рече Димитар Пипилевски, директор на ОУ “Крсте Петков Мисирков“ во с. Бистрица.

Денеска неизостанаа ниту партиски препукувања. Од власта велат дека бившиот градоначалник Талески дал празно ветување дека од Домот ќе направи спортска сала, а на денешниот прес од ВМРО ДПМНЕ рекоа дека за градоначалничката Петровска, во изборната кампања бил ставен како еден од нејзините приоритети. Сепак, во овој случај никој не настрада, а генералната слика е дека во речиси сите битолски села, ваквите објекти се заборавени и препуштени на заботот на времето.

Петар Стефановски